Дансување со ДАНС

  • За Ива и за сличните како неа можеби токму овој момент во животот е најважната лекција што може да се научи. Во светот на тајните служби, најголемата грешка е да поверуваш дека си нивен партнер, кога за нив си само средство. Не се игра (дансува) со ДАНС! Денес си им потребен. Утре можеби ќе бидеш нивниот најнепожелен сведок. А задутре…
  • Безбедносните служби не се хуманитарни организации, ниту институции за заштита на човечките судбини. Тие се создадени да ги штитат интересите на државата, односно, во реалниот политички живот, интересите на власта што управува со неа. Тоа е нивниот карактер, нивната логика и нивната природа. А кога ќе се додаде човечкиот фактор, особено политичката амбиција, суетата и желбата за моќ, тогаш службите можат да станат и опасно оружје во рацете на оние што ги контролираат

Историјата е преполна со примери во кои безбедносните апарати биле злоупотребувани од највисоките државни функционери, но и со случаи во кои самите челници на службите ги претворале институциите во сопствена приватна моќ. Во такви околности, границата меѓу државниот интерес, политичката пресметка и личната агенда станува речиси невидлива.
Затоа аферата со бугарската безбедносна служба ДАНС и заканите кон Ива Михајлова не треба да се гледа како некаков изолиран безбедносен инцидент. Ниту е прв, ниту, за жал, веројатно ќе биде последен случај од ваков вид. За македонската јавност самото постоење на бугарски безбедносни операции, влијанија и обиди за обликување на политичките и општествените процеси во Македонија не е некаква новост. Тоа е стара, историски позната тема. Тема со долга меморија на притисоци, манипулации, политички конструкции, фалсификати и злоупотреба на човечки судбини.
Бугарските безбедносни структури не се појавиле вчера, ниту нивните интереси во Македонија започнале со актуелните политички спорови. Се менувале времињата, владите, методите и оперативците, но логиката на влијание и контрола не е нешто што може да се избрише со промена на политичката гарнитура во Софија.
Најстрашниот дел од ваквите операции, сепак, не се секогаш самите служби. Тоа се луѓето што стануваат нивни инструменти. Во актуелниот случај, јавноста е соочена со сериозни наводи за можни врски, насочувања и притисоци од страна на бугарската безбедносна служба ДАНС врз Ива Михајлова, како и со прашањето каква улога во целата приказна имале нејзините најблиски.

Доколку овие наводи се потврдат, тогаш пред нас не е само приказна за една девојка и нејзиниот татко туку и за класичниот механизам на инструментализација на луѓето од страна на моќни структури.
Да бидам попрецизен. На службите „човекот најпрво им е потребен“. Му даваат чувство дека е важен, дека е заштитен, дека има некаква историска мисија, дека зад него стои државна моќ. Му отвораат врати, му нудат помош, го насочуваат, го користат неговото незадоволство, стравови, амбиции или лични проблеми. А кога ќе дојде моментот кога повеќе не им е потребен, односот нагло се менува. Од соработник станува товар. Од оперативен ресурс станува потенцијален проблем. Од човек на кој му ветувале заштита, станува човек што треба сам да се снаоѓа со последиците.
Токму затоа во светот на разузнавачките игри најопасна позиција не е секогаш позицијата на непријателот на службата. Понекогаш тоа е позицијата на нејзиниот соработник…
А соработниците се алатки. А алатките, во логиката на тајните операции, немаат трајна вредност. Се употребуваат кога се потребни, се заменуваат кога ќе се истрошат, а понекогаш се оставаат и на милост и немилост на околностите кога стануваат непријатни за оние што ги ангажирале.
И тогаш започнува најголемата трагедија. Кога таквите луѓе ќе проговорат, кога ќе се обидат да ја кажат вистината за сопствената улога, често веќе никој не им верува. Нивните зборови се дочекуваат со сомнеж, нивните мотиви се оспоруваат, а нивната веродостојност станува предмет на јавна пресметка. Службата, пак, останува зад завесата. Тоа е најциничниот аспект на разузнавачката машинерија. Таа може да преживее и кога нејзините инструменти ќе пропаднат.
Но играњето на Ива со ДАНС има и уште една важна димензија. Никој нема да биде ослободен од личната одговорност само затоа што наводно бил нечие оперативно средство. Секој човек одговара за сопствените постапки. Се разбира дека никој не смее да биде оставен без законска заштита, правично судење и можност да ја каже својата страна на приказната. Затоа македонските институции не смеат да останат неми набљудувачи. Ако постојат индиции за странско разузнавачко влијание, притисоци или злоупотреба на македонски државјани, тие мора да бидат сериозно испитани. Не со дневнополитички изјави, туку со факти, докази и институционална одговорност.

А бугарската ДАНС, со постапките што ѝ се припишуваат, конечно треба да разбере дека Македонија не е простор во кој може неограничено да се експериментира со човечки судбини и политички конструкции.
Зашто, зад секоја тајна операција на крајот остануваат живи луѓе, разурнати односи, стравови и последици. Службите продолжуваат да работат, владите се менуваат, функционерите заминуваат, но луѓето што биле вовлечени во нивните игри остануваат да живеат со товарот. Без разлика на кој народ му припаѓаат. ДАНС да не дансува веќе со човечки судбини!
А за Ива и за другите како неа, можеби токму овој момент во животот е најважната лекција што може да ја научат. Во светот на тајните служби, најголемата грешка е да поверуваш дека си нивен партнер, кога за нив си само средство. Не се игра (дансува) со ДАНС. Денес си им потребен. Утре можеби ќе бидеш нивниот најнепожелен сведок. А задутре – заборавена алатка, која којзнае во која темна визба во Бугарија завршува…