Македонската поетеса, писателка, преведувачка и антрополог Наташа Сарџоска, по објавата на поетската книга „Живо месо“, поетски избор на шпански јазик во автопревод, во Мексико, за издавачката куќа „Охеда“, на 14 април ќе гостува во Рим, на големиот поетски фестивал „Поетски портрети“.
Сарџоска ќе настапи со песни објавени во италијанското издание на поетската книга „Крстна коска“ кај издавачот „Интерно поезија“, а своите песни ќе ги чита на македонски јазик.
Поетската манифестација се одржува во големиот аудиториум „Кончилијационе“, во близината на базиликата „Свети Петар“, а ќе биде во целост покриена од италијанската радио-телевизија РАИ Култура, под покровителство на „Фондационе Рома“. Сарџоска е прва македонска поетеса поканета на овој свечен меѓународен поетски фестивал, кој оваа година се одржува по шеснаесетти пат и на кој ќе учествуваат поети од Италија, Шпанија, САД, Кина, Аргентина, Иран, Велика Британија, Шведска, Естонија и Грција.