Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ на режисерката Сузана Диневски, од 3 до 10 октомври, ќе биде во официјална селекција на филмскиот фестивал АPOX во Вели Лошињ, Хрватска, а истовремено од 1 до 7 октомври е селектиран во осмото издание на меѓународниот фестивал на документарни филмови ,,ДокуБаку“ во Баку, Азербејџан, во организација на Министерството за култура и на Агенцијата за филм на Азербејџан.
Филмот е номиниран во категоријата за најдобар документарен филм меѓу 72 избрани филма од 42 земји. Свеченото отворање е закажано на 2 октомври во центарот Хејдар Алиев, во едно од најмонументалните изданија – дело на реномираната архитектка Заха Хадид. Режисерката Сузана Диневски ќе биде присутна во Баку лично да ѝ го презентира филмот на фестивалската публика.
Инаку, филмот раскажува две паралелни интимни љубовни приказни, во кои главни протагонисти се две млади жени чии сопрузи се на отслужување затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Македонија – Идризово – и ефектите што тој ги има врз семејството и неговото непосредно опкружување.
„Љубовната соба“, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцентка, извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во копродукција со „Аворд филм и видео“. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филмот е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, а тонски дизајнер е Игор Поповски.