Иако во последниве шеесетина години птиците се многу збунети, се чини дека и покрај сите дронови, падобрани, суперсонични авиони и вселенски бродови, тие сѐ уште господарат на небото. Сигурно порано нивниот лет бил послободен и побезбеден. А тоа порано траеше многу долго, речиси од најодамна, кога прародителите на денешните птици, крајно возбудени, првпат летнаа кон височините. Небото, големо и бескрајно, ги прифати како најсвои. Секоја птица, според тоа каков поглед на светот избра, си го пронајде своето место на небото: врапчињата – ниско, ластовичките – средно, жеравите – повисоко, орлите – највисоко… Подоцна, а тоа подоцна беше пред илјадници, илјадници години, се појави однекаде човекот. Приземјен за земјата, со напор и несмасно прооде, тетеравејќи се од камен до пенушка, за веднаш да седне да си прездивне. Некои птици, оние што летаа високо, не го ни забележаа, или барем така се правеа. Некои други, дружељубиви по природа, посакаа да се спријателат со човекот, па се спуштија долу и постепено, клукајќи тревички и зрнца по почвата, забораваа да летаат. Толку се приспособија на животот на земјата што гуските, на пример, научија да ја минуваат улицата највнимателно од сите животни. Во меѓувреме се покажа дека човекот е многу амбициозно суштество. Научи како да пали оган, односно како да го зачади воздухот. Научи дека тркалото може да му послужи за возење и почна да прави – сообраќајки. Но, тој сакаше повеќе. Сакаше да стане птица! Си залепи крилја, замавта неколкупати, полета и… падна. Се качи на карпа, се затрча, замавна неколкупати, полета и… падна од повисоко. Човекот не беше само амбициозно туку и тврдоглаво суштество. Иако од силните паѓања главата му беше целата со џумки, тој упорно се обидуваше да летне, скокајќи, наспроти Земјината тежа, кон височините. Стариот мудар був Сократ, авторитет меѓу птиците, тврди дека митот за двајцата бестрашни „полетувачи“, таткото Дедал и синот Икар, кои конечно успеале да се вивнат кон небото, е вистина. И дека е сместен во т.н. измислица токму од оние луѓе на кои стравот повеќекратно им ја зголемува и инаку преголемата тежина. Спротивно, уметникот Дедал, изумител и градител на лавиринтот, според Сократ, знаел дека небото, како и водата, има своја длабочина и дека крилјата, како и перките на рибите, се само облик што помага за да се занурка во таа длабочина. Суштинското гориво, моќта за летање, доаѓа од чистиот, елементарен оган што гори од ослободените срца на птиците. Срцата на Дедал и на Икар беа обземени од тој неподмитлив огнен копнеж по слободата и кога мајсторот од најлесните долгнавести пердуви ги состави двата пара крилја и со восок ги залепи на грбот на синот и на сопствениот, тие едноставно запливаа низ воздухот. Праангелите Дедал и Икар, слично на Господовите миленици како што ги опишува госпоѓицата Вилет во „Ангелот на западната уметност “ (цитирана од Башлар) – со искосени тела, исправена биста, со оптегнати раце и малку поткренати нозе – браздеа низ воздушните бранови од Кносос на север кон островот Пар, а потоа ненадејно кон исток, зашто копнежот кон родниот град во летот се поништува со неумоливиот факт дека Дедал во Атена го чека смртна казна. Следува најтешкиот момент во воздушното патешествие: во бескрајната сласт на младиот летач, тој заборава на опасната сончева прегратка. Сончевите зраци го топат восокот со кој се слепени Икаровите крилја и тој, како пеперутка спалена од светилката, се урнува во морето. Несреќниот Дедал продолжува да лета сам, сѐ до Сицилија, кај пријателскиот владетел Кокал.
(продолжува)