„Сега би пишувала за…“ е новата книга од прилепската писателка Габриела Стојаноска-Станоеска. Збирката содржи 57 раскази групирани во трите циклуса: „Сега би пишувала за…“, „Стар живот“ и „Разводнување развод“.
– Габриела Стојаноска-Станоеска измислува стил. Намерно или не. Додека ги читав расказите ја препознав генијалноста на Чехов, посебно во расказот „Сега би пишувала за…“, ама како го прегледувам расказот, сфаќам дека од Чехов ја има само леснотијата на пишувањето. Другото е Габи, а Габи успева преку неречените работи да ни рече сѐ што сака, сѐ што ние сакаме, сѐ што е неречено, а така силно речено. И тоа е стил. Габи успева преку раката на сопругот, која нежно ја избегнува раната од царски рез на стомакот, да ни ја покаже љубовта во семејството, измешана со сиот сплет на стравови, љубомора, незаинтересираност, еротицизам, посветеност и што ли уште не, присутно во микрокосмосот наречен дом. Стојаноска-Станоеска ги спојува реалноста на родителската грижа со непризнателната себичност на родителската измореност, со способноста за надреалност на детскиот ум – пишува во рецензијата.
Според Димитар Ѓорѓиевски, независно од нашата желба, стравови, нервози, неодлучности… животот, во некаква форма се случува, исто како и расказите на Габриела, кои се случуваат вистински и во секоја смисла, одат паралелно со животот или живеат паралелен живот. Ка.М.