Корупцијата е мошне комплексна тема, и не е присутна само во спортот туку и во политиката, економијата и други сфери. Постојана борба против корупцијата имало и ќе има, а како ќе се реши таа, ќе зависи од сите вмешани актери со политичката и економската моќ што ја имаат. Додека не се сложат некои работи во системот, тоа ќе функционира вака, а, за жал, тешко дека можеме да изградиме совршена организација и самоконтрола, кога самосвеста на тие челници не е на високо ниво. Затоа сметам дека додека не се направат коренити и од темел реорганизирани промени во овие високи спортски институции, тешко дека ќе се искорени корупцијата во спортот, вели социологот Константин Миноски

Корупцијата во спортот не е нова појава, измамничките активности во водењето на спортските институции и натпревари се документирани уште од времето на античките олимписки игри, но во последните две децении се забележува значително зголемување на криминалните активности во оваа област. Огромниот прилив на пари, брзиот раст на легалните и нелегалните спортски обложувања и технолошкиот напредок што го трансформира начинот на кој спортот се игра, се консумира и го прави сѐ попривлечен, претставуваат значителни можност за криминалните мрежи, кои сакаат да го искористат спортот за недозволена и нелегална добивка, односно да профитираат од него. Тука, секако, предничи фудбалот, како најпрофитабилен, најмасовен и најгледан спорт во светот, каде што се вртат и најмногу пари. Едноставно, постојат идеални услови за корупција.
– Корупцијата е мошне комплексна тема, и не е присутна само во спортот, туку и во политиката, економијата и во други сфери – вели Константин Миноски, редовен професор на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

СПОРТСКАТА МАНИПУЛАЦИЈА НЕ ПОЗНАВА ГРАНИЦИ

Токму сега, кога Светското првенство (СП) во фудбал во Катар е на прагот и треба да почнат фудбалските возбудувања, актуелна е корупциска афера. Новиот документарен филм „ФИФА разоткриена“, кој беше премиерно прикажан пред неколку дена на Нетфликс, зборува за сите случувања во „Куќата на фудбалот“, која доби, фудбалски кажано, „црвен картон“ поради случај на корупција. Мини-серијата од четири епизоди говори за историјатот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), а поттик за оваа приказна беа апсења од Федералното истражно биро (ФБИ) извршени во Цирих. Обвинението поднесено против тогашниот прв човек на ФИФА содржи 47 точки, а се однесува на корупција и мито во организираниот фудбал, рекетирање, финансиски измами, заговори за перење пари во период од 20 години, а поврзани и со организација на одредени светски првенства, со акцент на СП во Катар. Сеп Батлер, поранешниот претседател на ФИФА, стои зад тоа дека ФИФА е чиста и дека работата што ја работел била исправна, додека многу други соговорници, сегашни и поранешни вработени во ФИФА, сметаат дека, сепак, имало незаконски дејства.
Модерен фудбал како модерен спектакл, кој се чини донесе повеќе пари отколку радост кај навивачите, а серијата почнува во 1974 година. ФИФА претходно беше помалобројнa, но со голем мотив организираше светски првенства што беа едноставно фудбалски турнири. Но со доаѓањето на новиот претседател, Бразилецот Жоао Авеланж, беа ветени средства за проширување на играта на глобално ниво, а со тоа на сметката на ФИФА беа потпишани големи спонзорски договори, во кои влезе и голем финансиски капитал. Авеланж категорично го одобри СП во 1978 година, чиј домаќин беше Аргентина, и покрај паѓањето на земјата во воена диктатура. Тој беше еден нов тип на човек во костум, кој, исто така, виде можност да ги искористи предностите на маркетингот во спортот. Во оваа бездна отиде и Блатер, кој го замени Авеланж во 1998 година и остана претседател до 2015 година, откако беше вмешан во корупциски афери. Покрај тоа што беше пренатрупана, внатрешната политика на ФИФА ја направи ранлива на сопствените интереси, при изборот на претседатели или организатори на СП. Блатер, кој беше осмиот претседател на ФИФА, изрази жалење, но негира морална одговорност, исфрлајќи ја идејата дека не може да се очекува да одговара за членовите на комисијата од „други земји и други култури“.
– Колку е спортот попопуларен, толку и корупцијата има поголемо влијание од страна на тие што управуваат во овие сфери. ФИФА и УЕФА се веќе изградени институции и со поголема профитабилна, финансиска, па и политичка моќ од многу други држави во светот. Тоа го гледаме и од фактот што тие ги признаваат само одлуките што ги донеле спортските национални сојузи и не дозволуваат врз нив да влијаат други државни органи од каде што се спортските сојузи – вели Миноски.
Помеѓу идентификуваните сомнителни корупциски скандали можат да се набројат и натпревари од квалификациите за СП и ЕП 2016, два натпревара од Лигата на шампионите (ЛШ) и неколку од врвот во европските национални лиги. И уште 300 сомнителни натпревари што беа идентификувани надвор од Европа. Истрагата резултира со идентификување речиси 400 осомничени натпревари и апсење на повеќе од 50 лица. Европол, исто така, се здружи со УЕФА во 2014 година, кога двете организации потпишаа меморандум за разбирање, со цел да се зајакне борбата против местењето натпревари во европскиот фудбал. Во таа насока, на ЕП 2016, Европол и УЕФА формираа работна група со француската полиција и Министерството за правда, француската управа за онлајн коцкање АЈРЕЛ, мониторинг-партнерот на УЕФА „Спортрадар“ и француската државна лотарија. Резултатот беше позитивен, без загриженост за интегритетот во однос на ниту еден натпревар.
Сепак, местењето натпревари останува профитабилна област за раст, која ќе продолжи да бара значителна посветеност и на ресурсите и на генијалноста од страна на сите оние што имаат удел во гледањето на убавата игра како неизвалкана.

КАКО ДА СЕ СПРЕЧИ КОРУПЦИЈАТА ВО СПОРТОТ

Спортот ги зближува луѓето, но криминалците што сакаат да остварат големи профити може да го поткопаат неговиот интегритет. Местењето натпревари и другите негативни работи во спортот се начин како организираните синдикати да генерираат високи профити и да ги перат нивните нелегални приходи, со ограничен ризик за откривање. Справувањето со овие прашања бара национална и меѓународна соработка помеѓу спортот, јавните власти, регулаторите за обложување, индустријата за коцкање и органите за спроведување на законот.
Работната група против местење натпревари на Интерпол (ИМФТФ) ги обединува агенциите за спроведување на законот низ светот за да се справат со корупцијата во спортот и местењето натпревари. Работната група со околу 100 члена се фокусира на споделување искуства и дејствување како платформа за истраги и меѓународна координација. ИМФТФ ги поддржува земјите-членки во криминални истраги и заедничките операции во сите спортови и одржува глобална мрежа истражители што споделуваат разузнавачки информации.
– Речиси немало случаи некое ЕП, СП, олимпијада, без да има некоја афера или скепса за добивањето на нивната организација. Но, како што спортот станува сѐ повеќе бизнис, тој индиректно станува сѐ повлијателен, и економски и политички. Не станува збор само за моментот на организација, туку тоа што го изградил да му користи и по СП. Но ние не ги гледаме овие афери и заткулисни игри и затоа постојано ќе се соочуваме со нив. Постојана борба против корупцијата имало и ќе има, а како ќе се реши таа, ќе зависи од сите вмешани актери со политичката и економската моќ што ја имаат. Додека не се сложат некои работи во системот, тоа ќе функционира вака, а, за жал, тешко дека можеме да изградиме совршена организација и самоконтрола, кога самосвеста на тие челници не е на високо ниво. Затоа сметам дека додека не се направат коренити и од темел реорганизирани промени во овие високи спортски институции, тешко дека ќе се искорени корупцијата во спортот – рече Миноски.

[email protected]