На 24 февруари, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Боеми“ од Џакомо Пучини. Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Дејан Прошев.
Со изведбата на оперската претстава „Боеми“, диригентката Бисера Чадловска ќе го одбележи јубилејот 20 години уметничка дејност на сцената на Националната опера и балет. Таа е меѓу првите жени диригенти во Македонија, но важи и како еден од најплодните македонски оперски и балетски диригенти, со завидна бројка од над 50 оперски и балетски наслови во текот на нејзиното 20-годишно работење како прв диригент во Националната опера и балет.
– Музиката е неисцрпен извор на убавина, а една од моите желби секогаш беше да ја диригирам операта „Боеми“. Во изминатите 20 години ја немав таа можност и затоа одлучив за овој мој прв поголем јубилеј да ја диригирам токму оваа опера. Таа е голем диригентски предизвик, прекрасна и емотивна музика. Задоволството е уште поголемо бидејќи сцената ќе ја делам со моите колеги од оркестарот, хорот и солистичкиот ансамбл на Националната опера и балет, со кои соработувам сиве овие години – вели Бисера Чадловска.
Операта е во четири чина, дејството се одвива во Париз, кон крајот на 19 век, а либретото се базира на „Сцени од животот на боемите“ на Хенри Мургер. Сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографка е Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат: Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Марјан Јованоски, Драган Ампов, Александар Стефаноски, Наде Талевска, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Александар Никодиновски, Диме Петров, хорот и оркестарот на Национална опера и балет.