Промоција на стихозбирката „На погрешната страна“ на Пајо Авировиќ ќе се одржи вечерва, во 19 часот, во Музејот на македонската борба. Промотори на книгата ќе бидат Sвездан Георгиевски и Владимир Мартиновски.

– Стихозбирката „На погрешната страна“ е своевиден амалгам на вештината на управување со зборот на авторот и насобраната мудрост, пренесена преку кристално чисти и бескрајно хумани пораки. Стиховите на Авировиќ никого нема да остават рамнодушен. Тие удираат директно во стомакот и срцето, притоа интензивно дејствувајќи врз мозочните клетки. Со други зборови, „На погрешната страна“ го има оној непроценлив квалитет, неопходен за секоја врвна уметност – ве тера на размислување, притоа приредувајќи ви непроценливо естетско искуство – вели Sвездан Георгиевски во рецензијата за книгата.

Пајо Авировиќ е роден во Скопје во 1966 година. Автор е на романот „Џахиз и истребувачите на кучиња“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ во 2005 година. „На погрешната страна“ е негова втора книга и прва збирка поезија.
Илустрацијата и дизајнот на корицата се на Зоран Кардула.