Фото: Дарко Андоновски

Рубенс Корубин, сликар

Секоја билка, секој цвет, во својот животен век сака да го развие својот потенцијал. И секоја индивидуа, семејство, секој град, секоја држава сака да го доживее, да го достигне својот максимум. Тоа му дава смисла на живеењето, вели Рубенс Корубин

Со ретроспективната изложба „Ателје, радоста на сликањето“, отворена во галеријата „Чифте-амам“, познатиот македонски ликовен уметник Рубенс Корубин одбележува 70 години живот и 45 години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград во класата на Младен Србиновиќ. Зад себе има повеќе самостојни и групни изложби, во земјата и во странство, а автор е и на два монументални мозаика: во Пелинце и на Правниот факултет во Скопје. Добитник е на неколку национални награди.
Влегувајќи во својот магичен простор, во ателјето во Сарај, Корубин секое утро ги отвора вратите на некои други светови и со своето сликарско мајсторство ги создава своите визуелни приказни, експресивни дела (слики, цртежи, графики), кои искрат од емоции, а ја отсликуваат неговата визија за уметноста, за животот, за минатото и за иднината.

Фото: Дарко Андоновски

Одбележувањето на јубилеите и ретроспективните изложби се заокружување на направеното, а во вашиот случај тоа навистина не е малку. Дали од денешна перспектива мислите дека целиот тој изоден пат вредеше?
– Јас во принцип не сакам јубилеи, но сакал-нејќел тие доаѓаат. Едноставно сакам да сум сѐ уште присутен со свои дела. И двапати, и трипати помалку слики да изложев, ќе беше она што сум го направил, ни повеќе ни помалку. Не можам да кажам дека сум сосема задоволен, напротив. Жал ми е за она што не сум го направил, а во очекување на она што допрва треба да го направам. Јас и моите колеги, па и татко ми Миле, во нашите разговори на оваа тема, секогаш сме биле резервирани, никогаш не сме биле сосема задоволни од направеното. Но одвреме-навреме треба да се фрли поглед наназад, не може само напред да се гледа. Токму затоа на изложбата ќе има 30 нови дела, но и постара продукција, слики од мојата лична колекција. Тоа ќе биде пресек на направено во последните 45 години, а самата изложба е насловена „Ателје или радоста на сликањето“. Тоа значи дека јас ателјето го сакам, како и сликарството, како медиум на изразување. Преку изложените дела ќе може да се види мојата методологија на работа, како се движам во креативниот процес, кои се мотивите, инспирацијата… Ќе има цртеж како финален продукт, како скица, но и скица во боја, не само како подготовка за слика туку како дел на еден творечки процес.

Што гледате кога ќе се завртите наназад?
– Многу работа и истражување. Цело време учев, се обидував нешто да постигнам. Тоа е мое лично чувство и сѐ уште мислам дека ја совладувам магијата на медиумот.

Вашите слики личат на бајка, со многу мистика, каде што се прелеваат многу емоции…
– Бајката за мене не е нешто одвоено од животот, таа постоела и уште постои, носи своја мистерија, драма, убавина… Бајка не значи само нешто слатко и убаво, сепак во неа секогаш има и нишка оптимизам. А ако тој оптимизам, таа животна енергија не ја префрлите на тие околу вас, тоа значи дека нешто не е во ред, дека одите во погрешна насока. Можете да сте одличен сликар, но нешто да биде особено, да отскокнува, потребна е таа креативна искра. Кога ќе ја почувствувате таа возбуда и кога ќе го завршите денот, по цел ден сликање вие не сте уморен. Или обратно, цел ден работите, ама ништо не сте направиле, е тогаш сте капнати од умор.

Секој човек, особено ако е креативец, сака да остави трага, а најтрајното нешто што го направите вие се мозаиците, во Пелинце и на Правниот факултет. Мислите ли дека тие пораки вградени во камените коцкички ќе ги разберат и нови генерации што ќе дојдат?
– Верувам дека секое уметничко дело е врзано за енергијата што се пренесува. И во некој микросвет можете да најдете фантастично богатство. Дали во моментот вие ќе разберете сѐ, не е важно. Еве, кога ќе видам нешто напишано на непознато писмо, се возбудувам од формата, сугестијата, а што значи не знам. Не мора да ја разберете, доста е да ја почувствувате енергијата. Можеби ќе почувствувате и разберете нешто за себе токму преку уметноста.

Што претставува за вас уметноста?
– Уметноста откога постои човекот е негов дел и тој не бил целосен без неа. Мајката природа е прекрасна, не можеме да се натпреваруваме со неа, но уметноста е нешто од човек направено за човек.

Сопругата Лиле е ваша вечна инспирација, поддршка, сродна душа…
– Тоа што Лиле ја користам како модел во мојот процес на работа добива една друга димензија, без оглед на тоа што сме толку години заедно, се сакаме и почитуваме. Лиле е на повеќе мои слики, но не е секаде иста, во зависност од тоа што таа претставува во сликата. Тука има и голем процент на соработка и момент на самостојна импровизација. Како кога на глумица ѝ барате да одигра некоја улога. Не ѝ ги давам сите директиви, очекувам и од неа нешто да произлезе. Добро што во процесот на сликањето положбата може да се промени, бидејќи на платното се гледа само последниот ефект.

Имате два сина, Дамјан, кој работи како маркетинг-менаџер, и Михаил, кој ја продолжува сликарската лоза. Што научивте вие од вашиот татко, а што му пренесовте на својот син Михаил?
– Радоста и неизвесноста на креативниот процес. Тоа сѐ уште ме држи буден како автор. Крајниот резултат може да изненади во една или во друга насока. Честопати нешто што сме го насликале одамна и сме го фрлиле настрана, по долги години станува подобро од некои други дела за кои сме мислеле дека се значајни. Секое време си носи нешто свое. Со Михаил сме различни како автори, тој има свој пат, на кој сигурно чекори.

Мислите ли дека уметноста нѐ прави подобри луѓе?
– Нѐ прави луѓе. Секоја билка, секој цвет, во својот животен век сака да го развие својот потенцијал. И секоја индивидуа, семејство, секој град, секоја држава сака да го доживее, да го достигне својот максимум. Тоа му дава смисла на живеењето.

Вие имавте привилегија вашето знаење и искуство да им ги пренесете на своите студенти на Ликовната академија во Скопје. Какво е тоа чувство?
– Чувството е убаво. Наша задача е стекнатото искуство и знаење да им ги пренесеме на студентите на Ликовната академија исто како што порано се пренесувал огнот од генерација на генерација. А ликовниот јазик е богат, се градел со векови и важно е да се зачува како говор и како израз. А потоа секој ќе се определи каде сака да се изразува, каде му е силата. Целата наука, како и педагогијата, ја дава основата, но тоа не ве прави писател, уметник, треба самиот да се градите и надградувате. Ја знаете азбуката, знаете да пишувате, писмен сте, ама не сте писател, треба да изградите сопствен пат.

Секој уметник има свои развојни фази, што е за вас најзначајно во градењето на вашиот сликарски израз, што ве смени најмногу?
– Татко ми Миле Корубин беше генерација што живееше во сите периоди на транзиција, со радикални промени, нови манифести, нови движења. Тоа внесе многу новини во неговиот живот. Требаше да се снајде во сето тоа, да израсне, и тој беше склон на радикални промени, од фигуративно сликарство да премине кон лирска и геометриска апстракција. Сите фази што пулсираа во 20 век тој ги помина. Јас повеќе бев свртен кон еден вид интегрална слика и мојата лична амбиција, на извесен начин беше свртена кон зачувување на стариот ликовен јазик, негово збогатување со сопствени содржини, финеси и, доколку е можно, искачување на некое друго ниво.

Која е најголемата награда што сте ја добиле досега?
– Јас секогаш се чувствувам поласкано и почестено кога некој ќе посака да има мое дело. Ние не сме некое богато општество, повеќето живеат од први до први, и кога некој ќе посака трајно да поседува мое дело, тоа за мене е најголема награда.

Фото: Дарко Андоновски