Светот е сцена

Во музејот „Лувр“ во Париз се сместени некои од најважните уметнички дела создадени некогаш. Овој импресивен музеј со завидна репутација ги крие и своите тајни – има повеќе податоци од неговата историја што се помалку познати и изненадувачки. „Лувр“ постои од 1793 година, кога познатата зграда во Париз официјално станала музеј за време на Француската револуција. Наполеон Бонапарта, кој дошол на власт во 1804 година, имал посебен однос кон уметноста, па збирката на „Лувр“ ја збогатил со многу вредни дела. Воден од амбицијата дека Франција го има најдобриот уметнички музеј во светот, со импресивна колекција на уметнички дела од целиот свет, Наполеон ја зголемил колекцијата на музејот на различни начини. Односно со трофеи од воени походи, приватни донации и лични нарачки. Во еден момент, тој дури и го сменил името на музејот, нарекувајќи го – Музејот Наполеон.
Кога Наполеон абдицирал во 1815 година, музејот го вратил своето претходно име (многу уметнички дела конфискувани за време на воените кампањи на крајот им биле вратени на нивните сопственици, но не сите). Денес, на првиот кат од музејот, во крилото на Ришелје, можете да ги видите луксузните соби на Наполеон Трети. Има официјална државна трпезарија и позлатен салон, врвни примери на елаборирана рококо-естетика од 18 век.
Француското министерство за економија и финансии се наоѓаше во зградата на „Лувр“. Сместено било во крилото Ришелје на зградата до 1989 година, кога тогашниот претседател Франсоа Митеран одлучил овој дел од музејот да ѝ го препушти на уметноста. Министерството било преместено во зграда во Берси, на далечниот исток на Париз.
Помалку е познато дека во „Лувр“ има уметничко училиште. Тоа е Училиштето Лувр (Ecole du Louvre), високообразовна институција посветена на проучување на археологијата, антропологијата, историјата на уметноста и епиграфијата. Основана е во 1882 година, сместена во павилјонот Флор (крилото на музејот свртено кон реката) и главно ги едуцира идните куратори.

„Лувр“ во Париз не е единствениот музеј со тоа име. Во ноември 2017 година, „Лувр“ беше отворен во Абу Даби. И во поранешниот рударски град Ленс, во северна Франција, постои импресивен музеј „Лувр-Ленс“, кој е сателит на матичниот музеј. Отворен е во 2012 година, а претставува парче од огромната колекција на „Лувр“. Руралната локација далеку од француската престолнина е избрана намерно – музејот „Лувр“ соопшти дека овој проект ја доближува културата до луѓето во покраината, особено во регионот каде што многу луѓе доаѓаат од работничката класа.
И оние што го посетиле познатиот француски музеј и оние што знаат за неговата величественост индиректно, генерално не знаат за прекрасната традиција што била воспоставена во 1608 година. Тогаш Хенри Четврти ги поканил уметниците во „Лувр“ за првпат да копираат уметнички дела од кралските збирки, како и да живеат во „Лувр“ и да сликаат, усовршувајќи ги нивниот занает и талент (во тоа време образованието на уметниците се засновало на копирање дела на уметност од стари мајстори).
Оваа програма постои и денес. Изборот е ригорозен, а се избираат само од 150 до 200 искусни уметници, кои во текот на годината ќе поминат три месеци сликајќи во музејот. Има и листа на чекање, за привилегијата да се обидат да реплицираат некои од најценетите уметнички дела во светот, избраните уметници чекаат и до две години.
Интригантната „Мона Лиза“, едно од најпознатите дела од богатата ризница на „Лувр“, е придружена со многу интересни приказни. Една од најневеројатните е тоа што за нејзината кражба бил обвинет сликарот Пабло Пикасо. Пикасо, кој трајно се населил во Париз во 1904 година, веќе имал контакт со украдени уметнички дела кога „Мона Лиза“ исчезнала од „Лувр“, таа била украдена во 1911 година. Пикасо, всушност, поседувал комплет ибериски скулптури што ги набавил од секретарката на неговиот пријател, поетот Гијом Аполинер. Се открило дека овие скулптури биле украдени од „Лувр“ во 1900-тите години. Кога исчезнала „Мона Лиза“, Пикасо живеел во Париз и бил на списокот на осомничени. Се покажало дека вистинскиот крадец бил италијански имигрант по име Винченцо Перуџа, кој верувал дека Наполеон однел уметнички ремек-дела од Италија за време на неговата окупација и сакал да ја врати „Мона Лиза“ во својата татковина.

Вистина е дека „Мона Лиза“ му била дадена на Френсис Први од самиот Леонардо да Винчи, уште во 16 век. По покана на францускиот владетел, Леонардо се доселил во Франција во 1517 година. Подоцна, во знак на благодарност, многу од своите дела ѝ подарил на Франција.
Уште една ситница е поврзана со Пикасо и „Лувр“. Имено, до 1971 година, делата на живите уметници не биле претставени во „Лувр“. Бил направен преседан во октомври 1071 година – избор од делата на Пикасо бил изложен во галеријата „Гранде“ во музејот, по повод 90-от роденден на уметникот.
А кога ќе се најдете пред големото платно на „Свадбата во Кана“ од Паоло Веронезе, најголемата слика во музејот, веројатно нема да ви падне на памет дека оваа слика е донесена во музејската зграда во два дела.
Платното „Свадбена гозба во Кана“ од 1563 година ја прикажува библиската приказна за една свадба во Кана каде што Исус ја претворил водата во вино. Кога Наполеон ја освоил Италија во 1797 година, тој зел уметнички дела од многу манастири и цркви и ги однел во Франција. Меѓу нив било и делото на Веронезе, кое се наоѓало во трпезаријата на венецијанскиот манастир „Сан Џорџо Маџоре“. За да ја пренесе масивната слика, Наполеон ја преполовил. Денес може да се види линијата каде што сликата е исечена и повторно составена.
Денес, кога ќе го посетите „Лувр“, најпаметно е да размислите што би сакале да видите и да се фокусирате на тоа. Невозможно е да се види сè во оваа зграда, а ако се обидете да ја видите неговата големина, статистиката може да ви помогне. Ако ги наредите сите простории на „Лувр“ една по друга, нивната должина би била дури 13 километри. Ќе ви требаат 200 дена за да го видите секое од 35.000 уметнички дела изложени во овој музеј. И тоа под услов за секое уметничко дело да одвоите само 30 секунди. „Лувр“, инаку, поседува околу 550.000 уметнички дела, а повеќето од нив се во депоа, далеку од очите на посетителите.