Од 17 до 23 декември во Кинотеката ќе се одржи Недела на полскиот филм, на која ќе бидат прикажани шест филма од современата полска кинематографија. Манифестацијата е во организација на Амбасадата на Република Полска и Кинотеката на Македонија, а ќе биде отворена со „Не оставајте траги“, филм од 2021 година на Јан Матушински, полски кандидат за наградата „оскар“.
– Еколошки тероризам обвиен со мистеријата на трилер-жанрот, воената состојба во Полска во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век и бруталниот однос кон неистомислениците на тогашната комунистичка власт, потрагата по бога на алтернативен начин, предрасудите на црквата, бракот и семејството, сето тоа – со љубовта некаде помеѓу… се темите на шесте наслови на кинотечната програма, кои ветуваат дека ќе допрат до интересите и вкусовите на секој филмофил. Автори на филмовите се Агњешка Холанд, Јан Матушински, Јан Комаса, Малгоржата Шумовска, Марија Садовска и Томаш Василевски, а ако се земе предвид периодот во кој се продуцирани нивните филмови, последниве пет години, тогаш претставувањето на современата полска кинематографија, во овој случај, е повеќе од репрезентативно – велат од Кинотеката.
Во изборот на оваа недела на полскиот филм се „Траги“ на Агњешка Холанд, „Не оставајте траги“ на Јан Матушински, „Тело Христово“ на Јан Комаса, „Обединетите држави на љубовта“ на Томаш Василевски, „Уметноста на љубовта: приказна за Мигалина Вислоцка“ на Марија Садовска и „Лице“ на Малгоржата Шумовска.