Мала критичка гравура по повод 100 години Конески

Оваа седмица е седмица на Конески и на Свети Никола. Конески и е роден на 19 декември, пред 100 години. Оваа седмица, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ одржува интензивни научни собири и чествувања на својот патрон. Во таа чест, ја приложувам оваа куса критичка белешка кон големиот јубилеј. Досега се одржаа десетина симпозиуми и научни собири во најразлични институции во чест на великанот, и темелно и аргументирано се зборуваше за неговото значење за нашиот јазик, книжевност и култура. Но треба да се каже и некој збор за тоа колку е жив Конески преку делата на неговите следбеници, каде „се крие“ неговиот авторски ракопис во нашите современи песни, раскази, есеи. Пред некој ден, препрочитувајќи ги песните на Конески, се сетив на една песна од нашиот врвен поет, еминентен англист, одличен преведувач и угледен универзитетски професор и актуелен претседател на Македонскиот ПЕН-центар, Зоран Анчевски, човекот беше и можеби најуспешниот раководител и програмски осмислувач на „Струшките вечери на поезијата“ досега. Анчевски докторира со дисертација за Елиот, Конески и традицијата, па затоа и му припадна честа да ја отвори пленарната седница на големиот научен собир на Факултетот, во понеделникот. Песната се вика „Душата на татко ми“ и мене ми ја довикува во свеста песната „Жештина“ од Блаже Конески. Без никаква научна претензија за некаква аргументирана компарација или книжевна херменевтика, печатам само една моја критичка импресија. Најпрвин, ги наведувам двете песни:

Блаже Конески
ЖЕШТИНА

Денеска
в небо,
оние сини анѓелчиња
со бели крилца,
цело јато,
што прават и што бараат?
Тие една голема,
тие една усвитена тепсија
облагаат со злато
и по неа,
по краиштата и средето
со златни чеканчиња
маваат и
ѕингараат.

(„Црква“, Мисла, Скопје, 1988)

Зоран Анчевски
ДУШАТА НА ТАТКО МИ
На Ј.А. (1930-2014)

О татко,
душата ти е сега летало
од проѕирна хартија
со долга опашка од весници,
внимателно сплетена
и потоа растегната како
радосна хармоника,

за бистрооките ангели
поседнати врз облаците
помно да ги читаат
отсечоците од твојот живот
и да ти судат за сторените
грешки
или да ти бакнуваат рака
за сторените добрини.
Задушница, 2015
(„Небесна пантомима“, Темплум, Скопје, 2018)

Еве две песни, временски оддалечени цели 30 години: едната од Блаже Конески, другата од Зоран Анчевски. За песната „Жештина“ сум печател и студија, во својата книга „Текстовни процеси“. Но за песната на Анчевски не сум пишувал. На овој кус новински простор, сакам само да скицирам една своја критичка импресија.
Првата сличност меѓу двете песни ја наоѓам во онаа добропозната фиксирност на детаљот, својство карактеристично за лирските песни на Конески, кое, еве, живее и во поезијата на Анчевски. И во двете песни станува збор за една специфична поетска микроскопија (ангелите се невидливи и мали, и не случајно се вели дека на врвот на една игла можат да слетаат 99 ангели): и во песната на Конески, и во песната на Анчевски „главен лик“ се токму тие, невидливите. Ангелите.
Во споменатата студија за Конески веќе имам покажано дека во „Жештина“ ангелите имаат антропоморфна природа: тие се работници, кои со своите чеканчиња ја облагаат со злато тепсијата на сонцето. Блеска таа слика и речиси го слушаме „ѕингарањето“ на нивните алати. Тие се ѕидари, градители на космосот, кои ја довршуваат работата на Создателот, ја доѕидуваат космичката градба според архитектонскиот план на демијургот. Тие го довршуваат светот. И тоа е сѐ што е кажано во оваа песна-слика: човекот, ако ја има моралната чистота на ангелот, може да учествува и самиот, ако не во создавањето, тогаш барем во довршувањето и усовршувањето на светот. Неговата смисла е во правењето подобар свет. Тоа е оптимистичка визија за homo faber, ако ја достигне моралната чистота на белиот ангел.
А кај Анчевски? Душата на таткото е „летало“ што се откинало од земниот живот (се скинал конецот) и се упатило „горе“, во царството небеско, каде што престојуваат и ангелите на Конески. Опозицијата долу/горе е и овде функционална и е творбена матрица на песната, како и кај Конески. Но, ангелите на Анчевски не се физички работници: тие се (о, какво изненадување) – читатели! Ако ангелите на Конески работат врз „доправање“ на сонцето и физичкиот свет, ангелите на Анчевски имаат работа со нешто метафизичко и спиритуално: тие се занимаваат со читање книги: души. Душата на таткото е книга, писмо, еден вид семиотички дизајн од графеми, лексеми, реченици, наслови, вести и информации, таа е класичен гутенберговски запис, претставен како летало „од проѕирна хартија / со долга опашка од весници, / внимателно сплетена / и потоа растегната како / радосна хармоника“, вели Анчевски, во стил на голем поет, кој и во најразличните нешта гледа аналогии. Ангел-читател? Зошто ангелот би читал, кога веројатно знае сѐ, а се разбира со другите (веројатно) телепатски? Теорија на рецепцијата во царството небеско? Деконструкција што го воведува дејствениот читател како најчисто нешто, како ангел во библиотеката на небесната пантомима? Но, дејствениот читател на Умберто Еко и компанија е не само оној што чита туку и допишува заедно со авторот, па таа библиотека на небесната пантомима е можеби и – скрипториум на ангелите? Во секој случај, и овие ангели на Анчевски се видно антропоморфни како и оние на Конески, зашто читаат (а читаат само луѓето), па затоа и тие велат исто: „човек си, ама можеш да бидеш ангел“. Ми се чини дека Конески повикува подиректно од Анчевски на таа морална метаморфоза на човекот до ангел, и тоа преку физичкиот труд: доминира сликата на малите бели ковачи со мали чеканчиња во рацете.

Кај Анчевски доминира спиритуалната метаморфоза, доминира читателот, lector in fabula, и тоа фабулата на животот, испишана на обична „проѕирна“ (нефигуративна) хартија, како весник чии вести (животни приказни) траат – еден ден. За Анчевски токму читањето им дава вечност на нашите животи, кои инаку се обични вести за еден „човечки ден“, од утро до вечер, од раѓањето до смртта. Бистрооките ангели на Анчевски читаат и судат (што значи – допишуваат, како читателот во деконструкцијата). Испоседнати врз облаците, како во некоја читална, тие „помно ги читаат“ исечоците, вестите од весникот на нашиот живот и ни судат. За што? Внимавајте: не судат за нашите гревови, туку за нашите грешки. Крупна е разликата меѓу грев и грешка; ако нашата душа (поточно, душата на таткото) правела само грешки, а не гревови, тогаш човек навистина може да биде ангел уште на земјата, како што тврди и Конески. И уште: ако ангелите читаат, и тоа уште „помно“, тогаш тие се луѓе; а како луѓе го немаат Божјиот прерогатив да судат за гревови, туку само за грешки! И сосема човечки да „бакнуваат рака“ за сторените „добрини“.
Тука сопирам. Оставам на вас. За мене, човечката природа на ангелите и ангелската природа на човекот се заедничкиот поттекст на двете песни, од двајца поети, едниот роден пред 100, а другиот пред 67 години. Изгледа дека великата песна „мисли исто“, без разлика кога е човек роден во акушерска клиника. Важно е да е роден во јазикот и особено – во говорот на поезијата.