Ќе нѐ разбуди ли африканскиот петел​?

Објавата дека Британците и Французите ѝ го враќаат културното богатство на Африка претставува пресвртница во долгогодишната борба на многу европски институции што тешко се носат со процесот на реституција. Но дали ваквата одлука ќе ги поттикне и
македонските власти и културните институции да почнат посериозно да работат на враќање на дел од раселеното културно наследство на Македонија низ светот, од кое досега не сме успеале да донесеме дома буквално ништо

Британците и Французите ѝ го враќаат културното богатство на Африка. Оваа вест одекна силно откако неодамна универзитетот „Џизс колеџ“ во Кембриџ и парискиот музеј „Кваи Бренли“ објавија дека ќе ги вратат илјадниците артефакти ограбени од западна Африка во текот на колонијалниот период. Само парискиот музеј „Кваи Бренли“ чува речиси 70.000 африкански предмети, додека Британскиот музеј во Лондон поседува уште десетици илјади. Британскиот факултет ќе ја врати познатата статуа на петел што кралските трупи ја украле во 1897 година, што е само еден од стотиците бронзени предмети што се ограбени од некогаш моќното Кралство на Бенин, кое се наоѓало на подрачјето на денешна Нигерија, а се сметаат за културно најзначајни африкански артефакти. Речиси 90 отсто од африканското културно наследство се наоѓа во Европа, како што сметаат француските историчари на уметноста.
Настанот претставува пресвртница во долгогодишната борба на африканските земји да ги вратат делата што ги одзеле западните истражувачи и колонизатори во време кога многу европски институции тешко се носат со процесот на реституција. Според познавачите, ова е исправен чекор и показател за почит кон единственото наследство и историјата на различните земји. Ова исто така би требало да претставува и преседан за кој се очекува дека ќе изврши притисок и на други институции да почнат да ги враќаат украдените дела.
Но дали ваквата одлука ќе ги поттикне и македонските власти и културните институции да почнат сериозно да работат на раселеното културно наследство на Македонија низ светот, ако се знае дека според последните податоци што ги објави во својата студија „Дојче веле“, над 1.000 артефакти се водат како украдени од подрачјето на Македонија, но експертите сметат дека бројката е далеку поголема. Станува збор за непроценливо историско и културно богатство од кое досега не сме успеале да вратиме буквално ништо.

Дваесетина украдени икони веќе неколку години се наоѓаат во два музеја во Албанија, чекајќи тамошните власти да донесат одлука за нивната судбина. Според објавениот текст, македонската полиција во базата на Интерпол има пријавено 160 украдени археолошки предмети и икони, меѓу кои се иконите „Воскресение на Лазар“, „Крунисување на Богородица“, „Свети Јован Богослов“, „Богородица со дете и светци“, „Слегување во пеколот“, „Исус Христос“, „Свети Никола 3“, „Неколку светци“, „Свети Јован Крстител“, „Распнување“, „Распнување“, „Антимини“, „Богородица и дете“, неколку златни обетки, обетка во форма на лав, дијадема и други вредни предмети.
Се претпоставува дека има над сто илјади предмети што биле пронајдени на македонска почва, а на разни начини биле однесени од земјата и сега се наоѓаат во музеите низ светот, најмногу во соседните држави, во Белград и во Софија. Македонија е сериозно загрозена од ваквата практика на отуѓување вредни археолошки наоди и уметнички дела. Сѐ уште се свежи сеќавањата на изложбата во престижната „Палата Квиринал“ во Рим, кога вредни дела од Македонија беа претставени како предмети „без точно потекло“. Во таа пригода цели два месеца беа изложени највредните артефакти од охридско Требениште – бронзен кратер, златни маски, златни сандали, пехари и други вредни предмети што се дел од збирката на Народниот музеј во Белград. На италијанската официјална веб-страница, како и во прес-материјалите, беше забележано дека предметите потекнуваат од Требениште, но без појаснување во која земја се наоѓа овој локалитет. Според експертите, вкупно 257 предмети најдени на локалитетот Требениште се наоѓаат во Србија. Во Народниот музеј во Белград има ретки и исклучително вредни предмети што потекнуваат од Хераклеја, Стоби, Требеништа и од други локалитети во Македонија. Овој музеј ги чува и двете златни маски, пронајдени на локалитетот Требениште, Охридско, третата златна маска се наоѓа во Софија, а четвртата ја чуваме ние. Речиси сите вредни наоди во периодот помеѓу двете светски војни се однесени во Србија, а меѓу највредните се археолошките. Со сигурност е утврдено и дека две величествени бронзени фигури на сатири, најдени во Стоби, денес ги красат витрините на белградските музеи.

Пред некое време направив мало истражување на платформата „Гугл артс енд калчр“, доста посетувана за време на пандемијата, глобална онлајн платформа, преку која јавноста има можност да пристапи до содржини со висока резолуција, фотографии и репродукции, како и видеоматеријал на уметнички дела и културно наследство, собрани од културните институции и соработници од целиот свет… Во делот за Македонија, најголем дел од презентираното културно наследство на земјава (носии, артефакти, археолошки пронајдоци, фрески…) се наоѓаат во странски, а не во домашните поставки и музеи. На пример, голем број парчиња накит и носии – главно галички, се во колекцијата на Британскиот музеј. Меѓу нив има доста артефакти со предзнак „македонски“ што му припаѓаат на атинскиот „Бенаки музеј“.
Од сето погледнато, добро е повторно да се апелира до македонските ресорни министерства и културни институции да се ангажираат во организирана акција во процесот на реституција. Процес што, секако, не е лесен и едноставен, ама е важен особено за нас, бидејќи голем дел од ова богатство презентирано во други земји, од веќе добро познати причини, не е ни означено како „македонско“, па како резултат на тоа некако отсекогаш сме го имале она инфериорно чувство во однос на тоа дека и Македонија е дел, несомнено значаен, од уметничката и културна мапа на светот.