Во Културно-информативниот центар на Македонија во Истанбул е отворена изложбата на скулптури од галериски формат со наслов „Метафора на телесното“ од авторот Слободан Милошески.
– Скулпторските дела претставени на оваа изложба концепциски се повеќедимензионално поврзани и претставуваат процес во тек, при што тие заеднички си потпомагаат во истрајноста на просторното коегзистирање. Секоја единка е поставена во однос на опкружувањето како елемент на комуникација, своевиден реквизит на уметничката акција. Овие уметнички дела се богати со неисцрпни енергетски потенцијали во изразувањето на субјективната визија. Но, конечно и можеби најважно, неговата скулптура има изразен динамизам, во кој е вклучен дури и гледачот. Со тоа естетиката на овие дела станува комплетна, затоа што станува и естетика на рецепцијата. Гледачот е повикан да учествува во тој динамизам, станувајќи просто вовлечен во растот, со што овие на прв поглед рационални форми, сепак се доживуваат како длабоко човечки движења во потрага по спокојот.
Иако геометриско-кубистички, делата на Милошоски сепак се човечки, премногу човечки – вели Трајче Стојанов по повод оваа изложба.
Слободан Милошески во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје – вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија, на катедрата за скулптура. Досега има реализирано 22 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјата и во странство. Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор, меѓу кои: скулптурите на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ, скулптура на муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот балкански универзитет во Скопје.