Ексклузивно во „Колибри“ песни од сѐ уште необјавената книга за деца на писателот Ефтим Клетников „Малечката принцеза“

Закон тоа е кој сега
точка ќе треба да стави
на злосторот што го прави
мачката од која бега

глушецот во дупка темна,
таму ден и ноќ да чмае.
Треба мачката да знае,
отсега да биде спремна

и за казна ако шетка
и пред глувчја дупка дреме,
бидејќи е крајно време
да положи таа сметка.

Таа треба да е свесна
дека и глувчето сиво
има на слободен живот
право. Од дупката тесна

да излезе вон на лачот
дневен за да игра оро
со своите браќа в дворот
и да грицка од колачот

небесен од сите сфери.
Единствено така може
Правдата тој закон сложен
на кантарот да го мери.

Така овој закон слови:
строга казна, а не значка
златна за секоја мачка
лоша која глувци лови.

Треба таа да е сложна,
со нив да игра и пее.
Само така стварност ќе е
мисијата невозможна.