РАБОТИЛНИЦА ЗА КРЕАТИВЕН ИЗРАЗ

Во библиотеката на основното училиште „Војдан Чернодрински“ во Скопје, минатата седмица се одржа интересен креативен настан за шеесетина четвртоодделенци. Тоа беше интересен настан што покажа дека има многу начини за соработка меѓу децата и возрасните.
На работилницата што ја организира библиотеката во соработка со наставничките Кристина Цветковска, Лидија Серафимовска и Тијана Бајрактарска, специјална гостинка беше новинарката и писателка Камелија Шојлевска, а дел од работилницата беше и поетесата Дијана Петкова.
Имено, новата книга за деца на Шојлевска, насловена „Неговото височество сонцето“, во текот на работилницата за креативен израз беше илустрирана од шеесетина четвртоодделенци од ОУ „Војдан Чернодрински“. Работилницата се спроведе низ пет етапи, во првата децата ја запознаа авторката Шојлевска, потоа следуваше читање текст од книгата и запознавање со нејзиниот главен лик, па поделба во групи, цртање и селекција на цртежите.
Како што беше најавено, се очекува голема изложба на детските цртежи од оваа работилница, а најдобрите секако ќе бидат дел од новата книга за деца на авторката Шојлевска.
– Работата е во прогрес и полна со исчекување. Идеи има многу, како и ентузијазам да се создава. Три супер наставнички, една специјална гостинка, една библиотекарка и шеесет млади креативци го цртаа неговото височество Сонцето, кое ги огреа сите, а тие се смееја гласно и успеаја во својата цел – ни рече Шојлевска. Ф.Д.