Концертот беше хуманитарен и сите средства од продажбата на билетите, кои се продаваа по цена од 100 денари, ќе бидат донирани во „СОС детско село“

Се одржа концертот за деца „Карневал на животните“ во Домот на АРМ во Скопје

Во Домот на АРМ во Скопје во саботата се одржа концерт насловен „Карневал на животните“, а најмногубројни во публиката беа децата. Пред учениците од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ и нивната наставничка Јулија Петроска настапија познатата македонска виолинистка Пламенка Трајковска и пијанистот Ајхан Куртов, заедно со поетесата Анита Бошкова.
Концертот го овозможија Дирекцијата за култура и уметност, Град Скопје и Министерството за одбрана.
– Ова беше прекрасно доживување за учесниците и за моите ученици во публиката, кои беа воодушевени од автентичната музика на делото „Карневал на животните“, но и од приказните за нив што ги читаше Анита Бошковска. Секако прекрасните звуци на дуото на Пламенка Трајковска, на виолина, и Ајхан Куртов, на пијано, ги претставија на интересен начин животните, кои беа презентирани и од животните, со слики и со танц – изјави наставничката Јулија Петроска по завршувањето на претставата.
Меѓу пофалбите на присутните во салата можеше да се слушне дека оваа претстава е убав начин како младите да ја засакаат сериозната музика.

Инаку, концертот беше хуманитарен и сите средства од продажбата на билетите, кои се продаваа по цена од 100 денари, ќе бидат донирани во „СОС детско село“.
– Македонската детска публика во саботата имаше единствена можност во живо да ја слушне фантастичната композиција „Карневалот на животните“, дело на францускиот композитор Камиј Сен Санс. Композицијата е хумористична музичка свита со четиринаесет става, која тој ја напишал во 1886 година. Оригинално е напишана за две пијана и мал камерен состав. Сен Санс забранил јавни изведби на „Карневалот на животни“, бидејќи сметал дека композицијата ќе му го загрози угледот како сериозен композитор. Композицијата е објавена по смртта на композиторот во 1922 година и оттогаш се смета за едно од најпознатите дела на класичниот репертоар за деца. „Карневалот на животните“ музички опишува различни животни – лав, кокошки, желки, слон, кенгур, риби, магариња, кукавица, птици, лебед. Кога децата слушаат, треба да ги најдат музичките елементи на одделните животни како на пример брзо – бавно животно, дебело или слабо животно, во каква атмосфера се наоѓа и многу други елементи. Преслушувањето на ова дело кај децата овозможува развој на концентрацијата, имагинативно размислување, препознавање на звучните елементи и многу забава со класична музика – вели иницијаторката на овој и голем број други концерти за деца и возрасни, виолинистката Пламенка Трајковска.

Во 2018 година таа го сними албумот „Карневал на животните“ и тој е достапен на сите дигитални платформи. Таа е авторка и изведувачка во повеќе концерти за деца, како концертите „Гудачки квартет во наше маало“, „Музика и танц“, „Музика и цртан филм“, „Што е тоа гудачки квартет“, „Моцартисимо“, „Волшебен квартет“, „Карневал на животните“ во адаптација за виолина и пијано.
Пламенка Трајковска има реализирано голем број концерти во Македонија на најзначајните културни манифестации „Скопско лето“, „Бит фест“, „Штипско културно лето“, „Петровденски ракувања“, „Топол културен бран“, „Караманови средби“, „Кавадаречка културна есен“, „Велешко културно лето“ и многу други настапи на концертни сцени во Македонија и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и во Турција.

М.Т.