По повод Светскиот ден на детето
По повод Светскиот ден на детето (20 ноември), установен од УНИЦЕФ, четворица третоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје, Дамјан Симески, Јосип Радетиќ, Лара Јакимова и Петар Ѓорѓиев, предводени од одделенската наставничка Дијана Петроска и предметниот наставник Стефан Симовски, со свои ликовни творби учествуваа на 25. меѓународен ликовен натпревар „Пријатели на мирот 2022“ во Њујорк, САД.
Годинава со свои ликовни творби во овој глобален проект учествуваа 4.540 деца од 77 земји.
Темата на годинашниот ликовен натпревар, кој традиционално се одржува во Њујорк под покровителство на УНИЦЕФ, беше „Да владее мир на Земјата“.
Целта на овој глобален проект, кој изминативе 25 години се реализира во 116 земји под покровителство на УНИЦЕФ, е поттикнување на свеста кај децата низ светот на возраст од пет до 16 години за креативно изразување. Оваа меѓународна програма има цел да ги охрабри децата преку креативни активности да бидат посветени кон промовирање на мирот и да создаваат иднина во која ќе владеат хармонија и меѓусебно разбирање.
Ликовните творби и на учесниците ООУ „Лазо Трповски“ ќе бидат изложени на светската изложба што ќе се одржи на почетокот на следната година во Соединетите Американски Држави.