Под слоганот „Сите сме исти. Јас и ти“, во Театарот за деца и младинци во Скопје вечерва ќе започне петтото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“. Свеченото отворање е закажано за 19.30 часот, со претставата „Која е Лорет“ на театарот домаќин.
– Петтото издание е важен чекор во континуитетот на фестивалот и во работата на Театарот за деца и младинци како негов домаќин. Сакаме децата и младите да имаат пристап до различни театарски искуства, а гостувањата да создадат вистинска размена меѓу уметниците. Пораката „Сите сме исти. Јас и ти“ нè потсетува дека секое дете треба да биде видено, слушнато и вклучено – изјави Фросина Карловицс, в.д. директорка на Театарот за деца и младинци.
Утре гостуваат Народниот театар од Битола, со претставата „Пинокио“ од 11 часот, Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија, со претставата „Стара планина“, која ќе биде прикажана во 17 часот, и Детскиот театар „Бранко Михалевиќ“ од Осиек, Хрватска, со претставата „Со балон над Кападокија“ од 19.30 часот.
– Изборот опфаќа различни сценски јазици, од куклен и драмски театар до современи форми што им се обраќаат на различни возрасни групи. Познатите приказни стојат покрај нови теми и отвораат можност децата да ги препознаат и сопствените искуства на сцена. Затоа ги охрабруваме родителите да ги следат возрасните препораки за секоја претстава – порача Катарина Илиевска Силјановска, селекторка на фестивалот.
Претставите ќе се изведуваат во Театарот за деца и младинци и на други фестивалски сцени во Скопје. Стручното жири го сочинуваат Ориол Фере, претседател, и членовите Един Кметаш и Мики Анчевски. Тие ќе одлучуваат за Гран прито за најдобра претстава, како и за наградите за најдобра режија, сценографија, костимографија, најдобра актерка и најдобар актер. Статутот му дава право на стручното жири да додели и специјални награди. На фестивалот ќе учествува и детско жири, со што децата ќе имаат свој глас во доживувањето и оценувањето на претставите.
На 15 октомври, во 11 часот, програмата ќе ја отвори претставата „Слатки зборови“ на Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска, а во 19.30 децата над шест години ќе можат да ја погледнат претставата „Лемба“ на Анхелес де Трапо од Малага, Шпанија.
– Главен акцент е и можноста преку фестивалот да се промовира детската театарска продукција како важен двигател на културно-уметничките промени во нашата земја. Преку придружната програма и работилниците за професионалци, создаваме капацитети за активни учесници во полето на детскиот театар, а ќе изградиме и повеќе капацитети за домашната публика да ужива со различните естетики на театарски претстави за деца и младинци – велат од фестивалот.
„Пилотот и малиот принц“ на Куклениот театар „Острава“ од Чешка ќе ја отвори програмата на 16 октомври, по што ќе следува изведба на претставата „Чуварот на последното дрво“ на Театар за тебе од Скопје, со почеток во 13 часот. Вечерта, од 19.30 часот, децата над 11 години ќе можат да ја погледнат претставата „Садако сака да живее“ на Театарот за деца и младинци од Скопје.
На последниот фестивалски ден, 17 октомври, од 11 часот ќе биде прикажана претставата „Црвенкапа“ на Младинскиот театар од Нови Сад, Србија, а фестивалот ќе го затвори претставата „Дрвјанковци“ на театарот „Пинклец“ од Чаковец, Хрватска. Билетите за претставите можат да се купат во билетарницата на Театарот за деца и младинци во Скопје, по цена од 300 денари.
Петтото издание на ИФДТ „Игор Маџиров“ се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Ф.Д.
































