Повод: Вашингтон бара начини да ги намали цените на горивата преку договор со Москва за руски дизел, а Брисел продолжува да ја брани политиката на милитаризација, санкции и своја изолација…
- Европа со ваквиот актуелен Брисел ризикува да ја плати цената на политиката што повеќе верува во либералниот концепт на ирационална супериорност отколку во суровата логика на глобалните трендови на менување на светот, многу различен од досегашниот либерален концепт и доктрина
Енергетската криза повторно отвори една многу непријатна дилема за Европската Унија за тоа што се случува кога „политичката доктрина“ на овој Брисел се судира со економската реалност.
Имено, додека Вашингтон бара начини да ги намали цените на горивата преку договор со Москва за руски дизел, Брисел продолжува да ја брани политиката на милитаризација, санкции, своја изолација и концептуално дистанцирање од другите светски центри. Разликата не е само во пристапот кон Москва туку и во разбирањето на светот што забрзано се менува.
Принципи што скапо се плаќаат
Одлуката на американската администрација да ги олесни ограничувањата за испорака на руски дизел покажува дека дури и најострите геополитички противници можат да најдат заеднички интерес и да бидат флексибилни кога економскиот притисок ќе стане доволно силен. Вашингтон ги пресметува домашните цени, потребите на индустријата и политичките последици од скапото гориво. Тоа не е нужно доказ за мудрост, ниту гаранција дека договорот ќе ги исполни ветувањата. Но е показател дека прагматизмот и понатаму има значајно место во големата политика.
Брисел пак, напротив, ризикува да ја остави Европа заробена во сопствените декларации. Санкциите можат да бидат легитимен инструмент за политички притисок, но нивната оправданост не ја ослободува европската влада (Европската комисија) од обврската редовно да ги оценува нивните ефекти. Ако цената на стратегијата ја плаќаат европските домаќинства, земјоделците, транспортните компании и индустријата, како што веќе е и сѐ поочигледно, тогаш прашањето не е само дали политиката е морално оправдана туку и дали е економски одржлива.
– Особено е проблематично кога секое преиспитување на постојниот курс се третира како отстапување од европските вредности. Демек, она што ќе го кажат либералните бриселски елити е непогрешливо и треба да се сфати како догма?! Па политиката не е верски обред, а санкциите не се цел сами за себе. Тие, ако така мислат од Комисијата, треба да произведуваат резултати, а не само вербално да ја „потврдуваат“ исправноста на оние што ги вовеле, а практично да бидат „промашена политика“, која треба јавно перманентно некако да се одбрани – вели наш соговорник, дипломат, кој длабоко се сомнева во исправноста на политиките на актуелен Брисел што не покажуваат никаков напредок и резултати на ниедно поле.
Милитаризација наместо стратегиска визија
Во меѓувреме европската политичка елита сè повеќе ја организира својата иднина околу безбедносни закани, воени капацитети и долгорочно вооружување. Зајакнувањето на воениот концепт и доктрина може да биде неопходно во услови на реални ризици. Но безбедносните подготовки и мобилизација не смеат да станат замена за дипломатијата, а воените буџети не смеат да ја истиснат дебатата за социјалната сигурност, конкурентноста и енергетската достапност. Европската комисија (ЕК) веќе промовира огромна мобилизација на средства за воено-наменски цели.
За издвојување е дека истовремено Унијата се соочува со прашањето како да ја зачува индустриската база, да ги намали трошоците за производство и да спречи нов бран на економско заостанување.
– Во вакви услови политиката што не остава доволно простор за дипломатски маневар ризикува да ја претвори Европа во добро вооружен, но економски исцрпен континент. Мирот не се гради само со одвраќање. Тој бара и канали за преговори, процена на интересите на противникот и подготвеност за договори што не мора да бидат идеални за да бидат корисни. Ако секој компромис се прогласува за капитулација, тогаш војната станува политичка состојба без јасно дефиниран излез – вели нашиот соговорник, дипломат од кариера.
Светот се менува, Брисел доцни
Најголемиот проблем е што Европа сè уште настапува како да може сама да ги одредува правилата на глобалната игра. (?!)
Но светот станува сè помултиполарен, а големите сили сè почесто ги менуваат сојузите и економските приоритети според сопствените потреби.
Вашингтон може истовремено да ја поддржува Украина, да врши притисок врз Москва и да бара руски енергетски производи кога тоа му одговара на домашниот пазар. Тоа е логиката на интересите, без оглед дали е политички доследна или морално спорна.
Европа, пак, не може бесконечно да бара од другите да ги следат нејзините растегливи принципи додека самата трпи економски последици од нивната примена. Ако Брисел навистина сака вистинска стратегиска автономија, тоа воопшто не значи само помала зависност од Русија или од САД, туку способност самостојно да ги проценува ризиците и да избира решенија што ќе носат просперитет за европските граѓани.
Брисел не мора да ги напушти своите фундаментални вредности за да стане прагматичен. А тој го прави тоа, згора на тоа и со конвергентни политики кон неолибералните идеологии… Треба да престане да ја меша либералната доктрина со принципиелност, па плус и една политичка нефлексибилноста, а политичката доследност на основачките изворни принципи да ги игнорира, вклучувајќи го и практикувањето политики на „одбивање да се учи од реалноста“.
Европа сѐ повеќе се наоѓа во апсурдна положба таа да зборува за „својата геополитичка моќ“, додека други ги склучуваат договорите, ги обезбедуваат енергентите и ги приспособуваат правилата. Во светот што доаѓа, моралната позиција на неолиберална „принципиелност“ сама по себе не е стратегија. А континент што не знае да ги усогласи вредностите (своите вистински, изворни европски вредности) со интересите на своите граѓани, ризикува да стане публика во сопствената историја. Р.С.
































