Драги деца, во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Бонтон за деца“
на познатиот македонски писател Наум Попески, кој исто така неколку години бил и уредник на нашето гласило за најмладите читатели. Бидејќи убавото воспитување се учи од мали нозе, се надеваме дека со овие едукативни текстови ќе ви помогнеме да израснете во умни и внимателни момчиња и девојчиња

„Бонтон за деца“ од Наум Попески (20)

Има деца, па дури и возрасни, кои не знаат што може да се позајми, а што не може. А не се позајмува сѐ.
Има деца што ако се некаде подалеку од своето место, на некоја екскурзија и ако заборавиле четкичка за заби, бараат четкичка за заби од своето другарче?! И нема да ја добијат, бидејќи е тоа нехигиенски. Четкичката за заби е дел од личната хигиена.
Другарски е на другарчето да му помогнеш, да му позајмиш она што имаш и што можеш. Еве, на пример, другарчето сака да се јави дома, а го нема мобилниот. Другарски е да му го дадеш твојот мобилен, да се јави дома. Но тоа не значи дека твоето другарче треба да разговара долго за неважни работи. Нека се јави и нека каже каде е, како е и слично. И треба да ти се заблагодари за услугата. Можеш да му позајмиш и пари, ако случајно му требаат веднаш а ти имаш доволно и за тебе и да му позајмиш…
Ама работи од личната хигиена, ниту се бараат ниту се даваат.