Хумана страница
Откако пред три години од поранешната општина Другово нејзиното седиште му беше отстапено во трајно владение на здружението на родители на деца со пречки во развојот „Надеж“ од Кичево, тоа најпрво доби нов покрив. Според зборовите на претседателот на здружението Ѓоко Митрески, во текот на есента овој објект ќе биде целосно реновиран и ќе добие и нов инвентар, а деновиве се уредува кругот на објектот.
– За да овозможиме оптимални услови за работа на нашето здружение, пристапивме кон целосно преуредување на објектот, почнувајќи од поставување нов покрив и уредување на дворното место, а во текот на есента ентериерно целосно ќе го преуредиме објектот и ќе набавиме и нов инвентар, со што ќе овозможиме здружението „Надеж“ да има соодветни услови во објектот што ни беше отстапен од поранешната општина Другово. Овој зафат немаше да биде реализиран ако не беше дарежливоста на повеќе дарители и спонзори, како и на родителите на децата со пречки во развојот од Кичево – истакна Ѓоко Митрески.
Тој нагласи дека во текот на летото членовите на здружението имале повеќе дневни екскурзии до Демир Капија, Неготино и Кавадарци, како и локална дружба на Китино Кале. З.А.