По повод Денот на независноста во Небрегово

По повод на Денот на независноста на нашата република, на 6 септември, во организација на фондацијата за македонски јазик „Небрегово“, во родната куќа на македонскиот великан Блаже Конески, се одржа свеченост на која беше промовиран најновиот Зборник со песни од ученици и студенти посветени на неговата личност и творештвото. Обраќајќи се кон присутните стотина ученици и професори ментори од повеќе градови, секретарот на фондацијата „Небрегово“, Атанас Конески, уште еднаш ја потенцираше историската улога на Конески во македонската историја, литература и култура, еднакво зборувајќи за неговото творештво и потенцирајќи дека тоа за нас Македонците е – бесмртно и трајно за век веков.
Зборникот со песни од учениците што излегуваа во серијата „Поттикот Конески“ како во книга, со наслов „Зборот на Конески“, го промовираа проф. д-р Ана Витанова-Рингачева од Штип и проф. д-р Елизабета Бандиловска од Скопје. Тие зборувајќи многу инспиративно за песните застапени во Зборникот потенцираа дека избраните автори ученици (најмногубројни се учениците автори од Велес) претставуваат вистинска ризница за нашата литература, а тоа на најдобар начин зборува дека младите творци во севкупното творештво на македонскиот великан Блаже Конески наоѓаат свои оригинални инспирации и ги воспеваат нашиот мајчин македонски јазик и писмо и неговото дело.
Во прекрасно уредената куќа на Конески во родното Небрегово настапија следните наградени автори ученици: Магдалена Јанкулоска, Јаков Ѓоргоски, Дарио Кадиев, Татјана Костојчиноска, Ана Марија Штрбевска, Даниела Тренгоска, Калина Пашовска, Габриела Штрбевска, Тамара Ѓорѓиевска, Марија Костовска, Семина Алију, Луција Петровска, Јана Силјаноска, Марија Мојсоска, Матеја Талески, Мелани Иванова, Димитар Десановски, Емин Елези и Марија Симоноска. Истите, по својот настап, добија диплома и украсен спомен „Зборот на Конески“, кои им ги врачуваше проф. д-р Живко Цветковски, претседател на УС на фондација за македонски јазик „Небрегово“, а присутните со долготраен аплауз ги наградуваа наградените творби и нивните автори.
Меѓутоа и во оваа пригода ќе ги истакнеме училиштата од кои нивни ученици учествуваа на споменатиот конкурс. Тоа се: ОУ „Коле Канински“ од Битола, ООУ „Гоце Делчев“ од Виница, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани, ООУ „Ѓорче Петров“ од Ропотово-Долнени, како и од Скопје ОУ „Александар Македонски“, „Гоце Делчев“, Ѓорѓија Пулески“, „Кирил и Методиј“, „Коле Неделкоски“, „Круме Кепески“, „Кузман Јосифоски-Питу“, „Лазо Ангеловски“ и ОУ „Љубен Лапе“. Исто така ученици автори учествуваа и од основните училишта што го носат името на Блаже Конески од Скопје, с. Скудриње, Маврово-Ростуше, Прилеп и од Велес. За обележување е уште и следното: и младите поети од средните училишта во Кичево, Куманово, Охрид, Прилеп, Скопје, Струмица и Штип се застапени со свои песни во овој зборник. Заслуга за ваквата масовност имат професорите ментори од споменатите гимназии и средните стручни училишта од наброените градови, што е за особено истакнување и пофалба.
Промоцијата ја збогати со својот настап кантавторката Ана Петаноска, која исполни три песни од Блаже Конески, за кои самата има напишано музика и аранжман, а прекрасната организација на манифестацијата беше дело на вработените во Народниот музеј од Прилеп.
Но она што особено треба да се нагласи е дека досегашниот Спомен-дом на Блаже Конески се преименува во културен едукативен центар со неговото име и е запишан во туристичката понуда за посета во Небрегово. Според тоа, училиштата ќе треба да го стават во своите програми за посети на Небрегово, а тоа значи повеќе и поблиску да се запознаат со куќата во која се родил големиот Блаже Конески. Од каде тргнал да создава дела со трајна вредност во науката лингвистиката, но и да ги афирмира македонскиот јазик и македонскиот народ во светот.

Ст.К.


Светлоста негова

На Конески, најсветлата ѕвезда на небото,
на нашето небо – македонското!

И би светлина! Силна во секој негов стих,
Напати горчлива,
заспивна, полетна, мисловна…
Но најмногу ЗАВЕТЕНА!
Сто и една година најсветла заветнина.
Сто и една година – тој за нас!
А цел живот – ние за него.
Да го славиме твоето дело,
читајќи стихови во твоето село.
Наоѓајќи те на секоја страна,
Си ја лечиме најдлабоката рана!
Со секој вез од црвен и црн
конец,
го слушаме Бигорскиот ѕвонец
што ќе ѕвони вековно…
За најсветлата ѕвезда на
небото,
На нашето небо
– најубавото!

Јована Ристова, 8 -2 одделение
ОУ „Гоце Делчев“ – Виница
(Од зборникот
„Зборот на Конески“,
издание на фондацијата
„Небрегово“)