Целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија е една од главните цели на процесот Брдо-Бриони, кој почна вчера во Скопје / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изразот „брза примка“ многу потсетува на „примање“ или „прифаќање“ некого или нешто, на зачленување некаде или „воведување во друштво“… Но внимателно, не е сѐ како што звучи или како што изгледа на прв поглед. Всушност, значењето на изразот „брза примка“ значи клопка, стапица… Скорешното залудно себефаќање во јамката што го направи Македонија со уставните измени за Преспанскиот договор и нејасната визија на ЕУ за себе би требало да бидат доволно предупредување дека брзањето и за бугарското барање за менување на македонскиот устав нема да биде среќно решение

Треба ли Македонија да брза со уставните измени додека ЕУ се реформира

Изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, дека ЕУ и земјите-кандидати за членство треба да се подготват за проширувањето на Унијата до 2030 година, некако повеќе ги разбранува духовите во политичките центри на земјите-членки отколку во земјите од Западен Балкан, кои веќе петнаесетина години, наводно, се „први на листата за влегување“. Уште истиот ден францускиот претседател Макрон, од состанокот со своите амбасадори во Париз, испрати порака дека проширувањето на ЕУ не му е приоритет, сѐ додека не се случи внатрешната реформа. Многу набрзо, од кабинетот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го „искараа“ Мишел за оптимизмот што им го нуди на земјите-кандидати, без да се консултира со другите бриселски институции.
Но и покрај сите европски деманти и критики, интересно е што Мишел и потоа во неколку наврати го повтори својот став за проширување до 2030 г. А во тоа го поддржува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи.
Пред неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Толедо, Шпанија, Вархеи потврди дека извршното тело на ЕУ „е подготвено да даде предлог“ за унапредување на процесот за интеграција на земјите од Западен Балкан. Тој, исто така, ја поздрави пораката на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за волјата на членките на ЕУ „конечно да се ангажираат и да направат голем исчекор за остварување на проширувањето“. Во тој контекст истакна дека Европската комисија „ќе презентира суштински предлози“ во октомври пред самитот на лидерите на ЕУ на 26 и 27 октомври. Пакетот ќе го вклучи таканаречениот „план за раст“, кој „ќе ја забрза не само институционалната туку и вистинската интеграција на луѓето и економиите во Европската Унија“, тврди тој. Како што веќе откри претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во мај, ЕУ сака да ги зголеми инвестициите во Западен Балкан со цел да го олесни влијанието на руската војна во Украина врз економијата. Планот има цел да ги зголеми претпристапните фондови на ЕУ и да обезбеди пристап до единствениот дигитален пазар на блокот во области, како што се е-трговијата и сајбер-безбедноста.

Судир на визиите во ЕУ или почеток на долго „усогласување“

Во секој случај, во претстојниов период се најавува дека Европската Унија ќе започне и суштински да расправа за сопственото реформирање. Европските челници најавија дека реформите во рамките на Унијата ќе течат паралелно со процесот на проширување, а 2030 година останува како политичка цел за членство за земјите од Западен Балкан. Меѓу другото, ќе се носат одлуки за тоа како ќе изгледа новиот буџет на евентуалната проширена унија, колку европратеници и еврокомесари би имале новите земји-членки, но и каков ќе биде начинот на гласање.
Граѓанското општество изнесе неколку идеи за тоа како да се спроведе постепено пристапување на Западен Балкан. Еден од најчесто споменуваните предлози во јавноста стана идејата за членство во единствениот европски пазар пред полноправното членство во ЕУ. Во истражувањата и анализите, сепак се нагласува дека вклучувањето во елементите на единствениот пазар би било корисно, но исто така предупредуваат дека тоа не смее да стане цел што би го заменила членството.
Другиот модел што, наместо вклучување на кандидатите во одредени области на политиката, предлага постепено зголемување на нивното учество во институциите на ЕУ насекаде, исто така доби внимание во последниве години.
Според некои анализи, еден од најистакнатите поборници за единствениот пазар како посреднички чекор пред полноправното членство во ЕУ е Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) со седиште во Берлин. Откако Украина и Молдавија станаа земји-кандидати, овој аналитички центар предложи, за заживување на процесот на пристапување во ЕУ, ЕУ да понуди членство на единствениот пазар, како веродостојна и достапна привремена цел за сите кандидати, без да се откаже од полноправното членство во ЕУ, како крајна цел.
Имено, во предлогот се вели: „Сите земји-кандидати што ги исполнуваат критериумите за влез во ЕУ, вклучувајќи и почитување на човековите права и владеењето на правото, треба да добијат целосен пристап до единствениот европски пазар и четирите слободи – слободно движење на стоки, луѓе, услуги и капитал. Граѓаните и бизнисите тогаш ќе ги уживаат истите права како оние од членките на ЕУ или Норвешка и Исланд“.
Според споменатата ЕСИ, овој чекор нема да го отежне донесувањето одлуки во ЕУ, ниту да ја направи Унијата нефункционална, што е една од главните грижи на сегашните скептици за проширувањето. Од друга страна, тоа би обезбедило нова атрактивна цел за елитите на земјите-кандидати, со што би се приближиле до ЕУ.

Капитални национални отстапки за влез во ЕУ-втора лига

Гледано од „западнобалканска перспектива“, особено од македонска, сите овие дебати и визии за реформи во ЕУ наликуваат на подготовка за европска „втора лига“. Притоа, најоптимистичката верзија на „втората лига“ што би им ја понудиле на земјите од Западен Балкан е брз прием (евентуално до 2030) без право да гласаат, без свои комесари и без можност суштински за нешто да одлучуваат… Ургентноста на реформите, која се чувствува во изјавите на европските високи функционери, всушност сериозно наведува на реторичко прашање – дали почнува реализацијата на планот на Макрон за „Европа во повеќе брзини“?
Меѓу другите (главно неповолни и со повеќе услови за проширувањето) реформски предлози на Макрон, можеби најинтересна е идејата за замена на принципот на едногласност при одлучувањето во ЕУ (што ја остава можноста на земјите-членки за фамозното вето) со квалификувано мнозинство. Секако, тој предлог е повеќе во прилог на намалување на моќта на веќе актуелните членки на ЕУ при носењето одлуки што не им се во нивен интерес, но другите земји (особено основачите и финансиските мотори) сметаат дека се важни за политиките на Унијата.
Во целиот тој „реформски амбиент“ на ЕУ за некаква „втора лига“ на сојузот, од Македонија и понатаму се бараат отстапки за почеток на преговори за членство од капитално национално значење. Македонија е актуелно соочена со услов од ЕУ за нови уставни измени за асиметрично (нереципрочно) внесување на Бугарите како малцинство во македонскиот устав, без гаранција дека понатаму процесот на преговарање и пристапување ќе тече според стандардната процедура, која всушност веќе не е ни стандардна, бидејќи треба да се води според нова непроверена методологија. Секако, не смее да се заборави дека и покрај сите ветувања за брза европска интеграција по Преспанскиот договор со Грција и менувањето на името на државата што повлече уште низа национални отстапки, спротивни на меѓународното право, Македонија и пет години подоцна, сѐ уште е уценета за почеток на преговори за членство во ЕУ. Со такво блиско „заедничко минато“ со ЕУ, кое се покажа како полно со лажни ветувања, но и со (не)извесна реформска иднина со некакви проекции за „ЕУ во повеќе брзини“, суштински се наметнува прашањето – колку е мудро и вреди ли воопшто Македонија да брза со уставните измени? Или, сепак, да почека појасни сигнали од реформирана ЕУ, во која ветото ќе биде заменето со квалификувано мнозинство и која ќе се држи до европските критериуми, а не до уцените на земјите-членки? Скорешните залудни жртви што ги направи Македонија со уставните измени за Преспанскиот договор и нејасната визија на ЕУ за себе би требало да бидат доволно предупредување дека брзањето и за бугарското барање за менување на македонскиот устав нема да биде среќно решение.