Посакувам да ја освојам светската шаховска сцена!

Таленти: Јована Котушеска, шахистка

На државното првенство оваа година го освоив второто место. Поради успехот што го постигнав, добив покана од Шаховската федерација да ја претставувам Македонија на Светското првенство што се одржува во Египет или на Европското првенство што се одржува во Романија до 15 септември. Се одлучив да отпатувам за Романија, вели Јована

Десетгодишната Јована Котушеска е ученичка во шесто одделение во основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид. Таа е извонреден шахист, а доказ за тоа се многубројните медали што ги има освоено на шаховските натпревари. Шахот е нејзина голема љубов што ја негува уште од петгодишна возраст. Деновиве Јована учествува на Европското младинско првенство во шах што се одржува во Романија, а нејзиниот сон е еден ден да ја освои светската шаховска сцена

Колибри: Во Романија, до 15 септември се одржува Европското младинско првенство во шах. Како се случи да учествуваш на ова големо натпреварување и дали имаш трема?
Јована: На државното првенство оваа година го освоив второто место. Поради успехот што го постигнав, добив покана од Шаховската федерација да ја претставувам Македонија на Светското првенство што се одржува во Египет или на Европското првенство што се одржува во Романија. Јас се одлучив за Европското првенство во Романија. Имам многу трема зашто ми е првпат да учествувам на турнир во странство и да ја претставувам мојата земја на европскиот турнир.

Колибри: Кога почна да играш шах и кои се твоите први соперници?
Јована: Почнав да играм шах откако дедо ми ме научи да играм. Потоа посетував шаховски клуб во Охрид, а сега сум дел од клубот Алкалоид – Скопје. Првите соперници ми беа другите членови во клубот, а потоа натпреварувачите на државниот, регионалниот, општинскиот и повеќе рапид-турнири.

Колибри: Како го паметиш твојот прв турнир и на која возраст беше тоа?
Јована: Мојот прв турнир беше државното првенство кога имав осум години. Таму имав најмногу трема, но тоа не ме спречи да го освојам третото место и со тоа постигнав голем успех.

Колибри: Каде сè имаш освоено медали и кои шаховски натпревари ги сметаш за твој најголем успех?
Јована: Мислам дека најголем успех ми беше државното првенство пред два месеца кога освоив второ место и бев одбрана да ја претставувам Македонија. Годинава го освоив второто место на регионалниот рапид-турнир во шах за млади „Лејк квин скул куп 2023“ (Lake queen school cup 2023). На општинскиот натпревар во Охрид во 2021 година го освоив првото место во категоријата пионери, а следната 2022 година го освоив третото место.

Колибри: Дали шахот е комплицирана игра?
Јована: Повеќето луѓе мислат дека шахот е лесна и интересна игра, но шахот навистина е комплицирана игра со премногу изиграни потези, добри активни играчи и повеќе од илјада отворања и тактики.

Колибри: Колку долго во текот на денот играш шах?
Јована: Ако се подготвувам за некој важен турнир тренирам половина од денот, но доколку немам турнир, ќе поиграм неколку игри шах и ќе проучам неколку тактики.

Колибри: Сон на секој шахист е да стане светски првак. Каде се гледаш себеси за десетина години?
Јована: Јас за десет години се гледам како професионален шахист со премногу успеси, медали и пехари!