Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВРЕМЕПЛОВ – Познатите нѐ вратија во времето кога биле првачиња

Глумецот Васил Зафирчев сѐ уште го памети црвениот ранец што го добил на подарок од тетка си, а Андријана Јаневска и Ивце Пивце во прво одделение ги сретнале најдобрите учителки на светот. Џокси се криел од другарите од Мичурин да не го видат дотеран, а Александра Велинова сѐ уште се сеќава на својата фризура со плетенки…

Има моменти во животни што му се случуваат секому, различно се доживуваат, но никогаш не се забораваат. Барем миг од тој настан останува врежан во мислите, чувствата, сеќавањата… По раѓањето, првиот роденден и првото запче, првиот училиштен ден е еден од најважните моменти за целото семејство. Никој не ја заборава таа средба со новиот свет, со нови луѓе, во нова средина.
Топлина и милина ја опфаќаат душата кога од перспектива на средношколец, студент или веќе реализиран човек со успешна кариера и семејство ќе се присетите на мигот кога првпат сте влегле во белата голема просторија со правилно подредените клупи и столчиња, со зелената, некогаш црна табла, кредата, сунѓерот, сметалката, географските карти и сликите на ѕидовите, како и цвеќињата крај прозорците.

Неизвесност и дилеми во детските главчиња

Впечатоците се различни кај секого, но секако се незаборавни.
Еве јас, драги мои читатели, многу убаво се сеќавам на првиот училиштен ден. Утрото ме разбудија порано. Ги облеков најновите алишта, купени токму за оваа пригода, па следуваше фотографирање со домашните, за да биде документиран овој важен настан од мојот живот. За рака со родителите, застанати пред училишната врата, чекавме наставниците да нѐ прочитаат, да видиме кое дете во кое одделение ќе учи. Колку неизвесност имаше тогаш. Во кое одделение, дали ќе бидам со маалските другари, дали е лош наставникот, дали е тешко да се научат бројките и буквите…?

Следуваше говорот за добредојде од училишниот психолог и почна моето патување низ светот на знаењето. И минаа прво и второ и петто и седмо одделение… Па, ако во прво одделение го слушав и свечениот говор за добредојде, кој ни беше упатен нам, првачињата, кога бев осмо, тој говор јас им го прочитав на новите првачиња. Така заокружив еден прекрасен и незаборавен дел од мојот живот. Завршив и средно училиште, сега сум дипломиран инженер агроном, но првиот контакт со училиштето е трајно и длабоко врежан во моето срце.

Запрашав еден писател, наставничка, актер, музичар и кантавтор и една водителка за првиот училиштен ден и нивните сеќавања на тој настан и еве што ми кажаа.

Разделба од безгрижното детство

За Христо Петрески, наш познат писател за деца и возрасни, првиот училиштен ден е како првиот бакнеж, првата солза, првиот спомен.
– Нема кој не памети со колку страв и страст го чека првиот училиштен ден и всушност тогаш и се разделува од детството, безгрижноста и родителите. Со книгите, тетратките, читанките и моливите во неизвесноста, надежта и очекувањата… – вели Петрески.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

И актерот Васил Зафирчев живо се сеќава на првиот училиштен ден.
– Првиот училиштен ден ми е еден од највозбудливите моменти во животот на кои и денес многу живо се сеќавам. Беше тоа 1 септември во далечната 1987 г., рана есен со топли остатоци од летото. Ме запишаа во тогаш едно од најмодерните училишта во поранешна Југославија, кое денес го носи името на маршалот Јосип Броз-Тито. Првпат на училиште ме носеше мајка ми. На грбот го носев црвениот ранец што ми го купи тетка ми. Дотеран од глава до петици, храбро и гордо зачекорив во училишниот двор, полн со не помалку возбудени и исплашени врсници.

Бев возбуден што пред мене беше нов и убав почеток на големи предизвици, но и тажен зашто зад себе ги оставив безгрижноста и слободните детски денови поминати во друштво на баба ми, на другарчињата од маалото, на сега веќе култните „Бушава азбука“ и „Опстанок“, на цртаните „Ну зајц пагади“ и „Мечето Ушко“ со кои заспивав – се присети Зафирчев.

Сакам реприза

И познатиот телевизиски водител Ивце Пивце, поточно Ивица Маринковиќ, кој важи за голем пријател на децата, со насмевка ни откри дел од спомените за неговата прва средба со училиштето.
– Се чувствував како да сум победил на Олимписки игри, како да сум светски рекодер, оскаровец… Сите ме поздравуваа, ми честитаа, ме гушкаа, се сликаа со мене… Толку бев среќен што решив и наредната година да бидам прваче. Но брзо се откажав, затоа што најдобрата учителка таа година ни се падна токму мене и на моите триесетина соученици од 1-3 одделение во ОУ „Иван Горан Ковачиќ“ (сега „Петар Поп Арсов)“ во Карпош 4. Се викаше Цвета Ристова, ние ѝ бевме последна генерација и по тоа што дочека длабока старост знам дека сме биле добри ученици, не сме ѝ го „скратувале животот“, како што знаеја да кажат некои други учители – ни раскажа Ивце Пивце.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кантавторот Џина Папас-Џокси, односно Ѓорѓе Васиќ, сѐ до тргнувањето на училиште бил детето што царувало со улиците на тогашниот Аеродром и Мичурин во Скопје. Тој вели дека никој не можел да го скроти освен училиштето.
– Ако другите деца ги плашеле со Баба Меца, духови и вампири, мене ме плашеа со зборовите: „Ако си немирен, ќе те запишеме на училиште“. Играта и дружбата со другарите во маало ми беа на прво место, па потоа сѐ друго. Кревањето конзерви во воздух со кибрит, играњето викторија (фудбал на еден гол), камај, крадењето кајсии во дворот на касарната… требаше да се заменат со здодевно седење во училишната клупа во ОУ „Иван Горан Ковачиќ“. Првиот ден за мене беше чуден, ама, за среќа, немаше ниеден од моите маалски другари. Страв ми беше што ли ќе кажат на што личам оние што веќе ме знаеја во друго издание. А сега бев чист, што би кажале залижан, не личев на себеси. Но со текот на времето „си легнав на брашното“ – ни рече Џокси.

Андријана Јаневска, нашата позната музичарка, со задоволство ни раскажа за нејзините доживувања од првиот училиштен ден.
– Тоа беше на први септември 1988 година во ОУ „Ацо Шопов“ во Скопје. Се сеќавам многу добро, затоа што бев многу возбудена поради новите обврски што ми претстоеја, но најмногу од сѐ сакав да одам на училиште заради мојата наставничка Керима Вели, во која буквално се вљубив уште од првиот ден кога ја видов. Беше најубавата и најдобрата во целото училиште. Всушност, мојата љубов кон училиштето најмногу ѝ ја должам нејзе. На новите првачиња им посакувам успех во нивното образование, затоа што знаењето е едно од нештата што никој не може да ни ги земе. Учете и уживајте – порача Јаневска.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Водителката и ТВ-презентерка Александра Велинова, која исто така објавува книги за деца, со радост ни раскажа за нејзиниот прв училиштен ден.
– Не знам кој беше повозбуден, јас, бидејќи очекував да запознаам нови другарчиња и да дознаам која ќе ми биде првата учителка, или мајка ми, која не знаеше кое фустанче да ми го облече. Имавме десет проби, а имав и фризура со плетенки. Знам само дека без паника и плачење помина мојата прва средба со училиштето. И тогаш, како и сега, бев многу љубопитна, па во исчекување на новите случувања, немаше простор за солзи, туку тој ден го минав во радост – вели Александра Велинова.

Се раѓа желбата за учење

Ленче Китанова, како долгогодишна наставничка по македонски јазик, вели дека први септември за неа секогаш е свечен ден.
– Првачињата влегуваат со неизвесност и желба за учење и за откривање, а повозрасните ученици се радуваат на повторната средба со училишните другари – вели многу наградуваната и активна наставничка Ленче Китанова.
Таа со тага констатира дека, за жал, секој септември сѐ помалку ученици доаѓаат на училиште.

„Колибри“ им се заблагодарува на соговорниците што одвоија време да ни раскажат за првиот училиштен ден и се надеваме дека им предизвикавме убави спомени.
А вам драги ученици, особено драги првачиња, од сѐ срце ви го честитаме почетокот на учебната година и ви посакуваме многу среќа во осознавањето на новиот свет и во откривањето нови знаења.