ЈУБИЛЕЕН РОДЕНДЕН НА СЛАВКА АРСОВА
Драги наши читатели, вие добро знаете дека „Колибри“ секогаш со огромна почит се однесува кон македонските писатели за деца и во секој број е застапен понекој писател или поет со песни и раскази наменети за вас. Ние се радуваме на успесите на писателите, на нивните нови книги, на нивните награди, гостувања, фестивали и промоции и со радост го споделуваме тоа на нашите страници.
Многу често на страниците на „Колибри“ ги читате делата на нашата писателка Славка Арсова. Нашата тетка писателка Славка, вчера имаше јубилеен роденден. Наполни 90 години. По телефон нѐ извести дека има и нова книга. Ние ѝ посакуваме среќен роденден со желба за добро здравје, ведар дух, инспирација за нови дела и ѝ се заблагодаруваме за сѐ што има направено за сите македонски деца, преку нејзините многубројни книжевни дела и преку долгогодишното успешно водење на детскиот литературен фестивал „Ракатки“, кој таа го создаде.
Крај изворот на Вардар
Незапирлив брзаку,
бигори стари,
од пазуви исфрли,
во пенливи води твои,
капнати солзи стопи
со песна од камен исклесана
бели брегови направи.
Низ бучноста слушаме
Блика постоењето твое
низ пенливи јазици
се раѓаш и вишнееш
во твоето студенило меко
издржливоста да си ја мериме,
со синилото прозрачно
душата си ја стоплуваме
со крупните зрна вода
жедта си ја гаснеме.
Денес покрај тебе
патот нѐ доведе
врутоку, водонеистечен
извору солзобисерен
како да те наречам
каков збор да изнајдам
во песнава да те посветам.
Славка Арсова