Праските содржат многу витамини и минерали, а особено се значајни поради големата содржина на калиум. Токму заради тоа Кинезите веруваат дека праските го продолжуваат животот бидејќи недостигот од калиум во нашиот организам може да предизвика сериозни проблеми.
Нема повеќе да должам, само ќе ви кажам дека праските растат на дрво, има рани и доцни сорти, а во Македонија најпознато место по одгледувањето на праските е Росоман каде што се одржува манифестацијата „Праскобер“. А сега да ви раскажам за нашата праска…


Песна-скаска за нашата праска

Сонцето пролетно
низ земјата пробива,
низ неа срамежливо
никулче се пробива.

Од ден на ден полека,
стебленце се извишува,
и оп ете го види, првото ливче
на ветрот се занишува..

Коренчето сѐ повеќе во
почвата се продлабочува,
а стебленцето нагоре
кон небото се насочува.

Едно гранче од страна лева,
второ гранче од страна десна,
растение ново никнува и расте,
со сонце, со вода и со птичја песна.

Цветовите се појавуваат,
од нив плодови заврзуваат
тие на гранките висат,
тежат, зреат и убавеат.

Ете така накратко,
низ оваа песна-скаска
ви раскажав како порасна
во дворот нашата праска.

Филип Димкоски


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.