Во рамките на „Кавадаречко културно лето“

Преку вакви манифестации, кои се помасовни, можеме повторно да ги афирмираме старите народни традиционални игри како еден своевиден мост меѓу минатите и сегашните генерации, со желба да им ги пренесеме на генерациите што доаѓаат, вели Микица Илова

Формулата како на најдобар начин да се анимира најмладата публика во Кавадарци во тропските горештини што ги имавме оваа лето ја донесе манифестацијата „Кавадаречко културно лето 2023“, во организација на Општина Кавадарци и домот на културата „Иван Мазов-Климе“. Годинава беа вклучени интересни содржини за децата, а најинтересни и најпосетени беа уличните перформанси насловени „Игри без граници“, во кои беа вградени подзаборавените бабини игри. Идеен творец на проектот е Микица Илова од домот на културата „Иван Мазов-Климе“, која наедно беше и реализаторка, со помош на младиот актер Сашко Орешков.

– Мојата идеја пред сѐ беше да им овозможам на децата да играат поинаков вид на игри, да се забавуваат, да се смеат и меѓусебно да се дружат во пријатните вечери на градскиот плоштад во Кавадарци. Мислам дека преку вакви манифестации, кои се помасовни, можеме повторно да ги афирмираме старите народни традиционални игри како еден своевиден мост меѓу минатите и сегашните генерации, со желба да им ги пренесеме на генерациите што доаѓаат. Всушност, оваа идеја кај мене лично тлееше многу одамна, кога ги објавив книгите „Родител, дете и игра“, „Игри без граница и куклен театар“ и „Приказните на Мими Веселкова“, кои имаат едукативен и дидактички карактер. Тие се наменети за воспитувачките во предучилишна возраст и за наставниците. Едноставно сакав да дадам една нова целина на игри од времето на нашите баби. На мое големо задоволство, секоја вечер кога на програмата на „Кавадаречко културно лето“ беа бабините игри имавме масовна посетеност на градскиот плоштад, кој беше исполнет со детски џагор и смеа, со задоволни родители и со прекрасна дружба. Од друга страна, сакав со овие игри да ги вратам родителите во времето кога тие играле на улица или во маалото, да го разбудам детето во нив и да ги поттикнам што повеќе да се дружат со своите деца – вели Микица Илова.

Секоја седмица уличниот перформанс на „Игри без граница“ беше различен, па децата можеа да проследат пантомима, играње ритмички игри, скокање на јаже, царица, раскажување и драматизирање приказни, исцртување на детските обравчиња, играње на игрите „Доаѓа мачката покрај тебе“, „Грниња“, „Штркот бара боја“ и многу други. Во веселата лудорија на градскиот плоштад во Кавадарци најзабавни беа игрите со музика и песни на кои спонтано се раѓаа многу нови кореографии изведени од самите деца. Секоја вечер со нетрпение ја очекуваа тетка Мими да се појави и да игра со нив, да се фотографираат и да им ја направи вечерта поинтересна.

– Радоста на децата и мене ме подмлади во срцето, бидејќи јас сум едно големо дете што одбива да порасне. Сметам дека светот на децата е прекрасен, а ние возрасните треба да се потрудиме да бидеме потрпеливи и полни со многу љубов. Се надевам дека овој проект ќе расте и дека в година, поучени од ова искуство, ќе ги надминеме пропустите и ќе вклучиме многу поголем број стручни лица, со единствена цел да им го направиме секојдневието на децата налето поубаво и различно – додава Микица Илова.