Драги деца, во „Колибри“ можете да ја читате новата рубрика „Јатки на мудроста “, умните мисли на познатиот македонски писател за деца Стојан Тарапуза. Ова се стихови што замислуваат, подучуваат, разбиструваат многу дилеми во вашите глави.
„Ова се јатки од зборови со куќи и со дворови. Преполни се со духовен барут, секогаш цветен – никогаш штетен. Во нив живее мудроста. Царува вистината.
Се раѓаа спонтано. Доаѓаа како поплава. Ме понесуваа. Темите се различни. Пораките слични, сите до една добронамерни и хумани. Изразно се скржави. Мисловно – богати. Некои се и малку рогати! Зошто се такви, животот знае. Времето во нив и преде и ткае!“, вели за нив авторот.
Читајте ги овие мудри мисли секој вторник внимателно, размислувајте за нив, обидете се и самите да напишете некое умно слово. Тоа ќе ви помогне побрзо и полесно да растете и да го разберете понекогаш чудниот свет на возрасните.


1.

Трчале – се движеле,
– ветерот го стрижеле.

2.

Не знае што прави,
во долгови се дави.

3.
Кој мисли
– нешто и ќе смисли,
кој лаже
– нешто и ќе каже.

4.

Го изодија неизоденото,
го видоа невиденото.

5.

Речено сторено,
– во дело претворено.

Стојан Тарапуза