На 21 март, поточно в четврток, речиси цела Македонија ќе биде „нападната“ од цветни бомби, кои деновиве ги изработуваат учениците од многу училишта низ државава, но и од други организации и здруженија. Станува збор за иницијатива на „Слоу фуд Македонија“, наречена „Пролетна офанзива 2024: Фрли цветна бомба!“. Целта е преку расејување различни фуражни, цветни и зачински растенија, кои имаат медоносни и репелентни својства, да се придонесе за зачувување на пчелите и за зачувување на биодиверзитетот во нашата држава.
– Повеќе од 80 отсто (околу 300.000 вида) диви растенија и 75 проценти од култивираните растенија (повеќе од 300 вида) зависат од инсектите што ги опрашуваат. Денес, немаше да има толку многу овошје и зеленчук што ги јадеме секој ден, доколку немаше опрашувачи што го изведуваат процесот на опрашување на цветовитe – информираат од „Слоу фуд“.
Откако ќе се изработат цветните бомби со семиња, глина и хумус се оставаат да се исушат, а потоа се расфрлаат на запуштени и неуредени подрачја на одредени локации во градот, надвор од градот или на некој неуреден дел во училишниот двор или двор на некоја друга институција. Под дејство на сонцето и влагата од т.н. бомби никнуваат растенија што го облагородуваат просторот, но ги привлекуваат и пчелите и другите инсекти.
Минатата година во овој повик се вклучија над 20 училишта во државава, а годинава се очекува уште поголем број со оглед на популарноста и забавата што ја нуди оваа акција. Училиштата или здруженијата што сакаат да се пријават сѐ уште можат да го сторат тоа преку линкот:http://Https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLScmvfQeoONK4JwDUrQ1JDDO2F8dCysDa8zO2K4lGTWPEr0vIg/viewform