Таленти
Летниот распуст секое дете го минува безгрижно, уживајќи во омилените активности. Деветгодишната Маријана Илиевска од селото Стење, покрај Преспанско Езеро, летните месеци ги минува играјќи си со своите миленичиња, мачето Марко и кученцето Ники, кои често се инспирација и за нејзините цртежи. Но неодамна Ники и Марко станаа главни јунаци во нејзин краток расказ, кој го наслови „Другарство“. Погодувате, во него таа го опиша необичното другарување меѓу кучето и мачето, кои секојдневно си играат, јадат, па и спијат заедно.
Инаку, Маријана секогаш наоѓа време за цртање, а ни се довери и дека ги прочитала речиси сите зададени лектири.
Ова весело девојченце со долга руса косичка ни откри и дека на 1 септември ќе тргне во четврто одделение во подрачното училиште „Браќа Миладиновци“ во селото Стење, во кое учат само четири дечиња. Може да се случи, поради малиот број ученици, таа да продолжи да учи во блиското село Царев Двор, каде што всушност се наоѓа централното училиште и каде што и покрај тоа што секојдневно ќе патува, ќе има многу подобри услови за учење, но и за другарување со други деца.
Маријана има и постар брат Александар, кој има 19 години и студира на Економскиот факултет во Скопје. За неа тој е вистински идол и вели дека ќе учи многу за да биде вредна и успешна како својот брат. М.Т.