Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ајде да видиме…

Познато ви е она чувство од училницата кога седите на час, наставникот нешто пишува на таблата, сите молчат и така 45 минути. Кога најпосле ќе заѕвони, ви доаѓа да ја спуштите главата на клупата и да дремнете малку. Зошто е така? Затоа што здодевноста е заразна. Ако на наставникот му е здодевно на часот, и учениците ќе се чувствуваат така.
Уште повеќе, здодевноста е толку подмолна што е доволно учениците само да помислат дека ќе им биде здодевно на часот што не ни почнал и навистина ќе почнат да се чувствуваат така.
Така барем тврдат научниците во своите трудови. Некои од насловите се: „Здодевноста привлекува здодевност: влијанието на здодевноста кај наставникот врз мотивацијата на учениците“ и „Што и да е здодевно, ќе здодева“. Автори на овие трудови се научници од Кина, Канада, САД, Велика Британија, Јапонија, Холандија и од Ирска. Тие за своите дела ја добиле наградата „Игнобел за 2023 година“ за достигнувања во образованието.
Станува збор за достигнувања што најпрво ќе ве насмеат, а потоа ќе ве поттикнат на размислување, а ги доделува универзитетот „Харвард“.