Балкански писатели за деца во „Колибри“: од книгата „Баш сум хепи“ на Сања Пилиќ од Хрватска

Отпатував кај тета Вера на море.
Одмори се. Зимски. Снеглулести. Снежни. Облачни. А, на море дува југо. Големи бранови удираат во камената рива. Јадам сладолед во слаткарницата и баш ми е добро.
Ги избегнав ниските температури, снегот, глупавото санкање… Сето тоа ми е досаднооо… Најдосадно.Турбодосадно. Проѕевесто и зиместо. Ракавици, шалови и скијачки комбинезони во кои во недела пешачиме на Сљеме… Изгледаме како вонземјани, а мама дури има и стапови… Тато, капа со пувка. Блескаме на сонцето во сребрените скијачки комбинезони што ги купивме поволно на распродажба. Мама и тато не се грижат за модата и во состојба се да го наврат на себе и најстрашниот ас…
Оваа година тета Вера ме покани на море. Во Сплит.
Ги избегнав планинарските чизми, мавањето со снежни топки и црвениот нос.
– Најмногу сакам сладолед од банана и кајсија – вели мојата братучетка Лора. Прекрасно е да имаш братучетка, особено ако немаш брат или сестра. Тогаш братучетката ти е супер! Најблизок род. На сите им се фалиш.
– Знаете, јас имам братучетка во Сплит – важно кажуваш. Се однесуваш како татко ти да е Супермен и како братучетка ти да има посебни волшебни моќи…
Лора може да изеде три длабоки чиничиња шлаг, а да не ѝ се слоши. Не знам дали тоа се смета како моќ.
Дува југо.
За утре прогнозираат подобрување на времето и сонце. Ќе го облечам моето ново розово фустанче. Ќе изгледам како принцеза. Сакам да изгледам како принцеза. Затоа мразам панталони и капути. Можеби сум старомодна, ама сакам и розови чевли.
– Баш е прекрасно на море – ѝ велам на Лора.
Хм… хм… Лора ме гледа сомнително. – Во Загреб е позабавно…
– Мене овде ми е позабавно…
Лора ме гледа. Го изеде целиот шлаг.
– Јас секогаш се фалам дека имам братучетка во Загреб, знаеш…
Лора ме прегрна. Надвор и понатаму дува… Ама утре, задутре, ах, ќе огрее сонце. Сонцеее! И ќе шетам по ривата и ќе ми биде топло, да, да…
– Сакаш ли уште едно топче сладолед? – ме праша Лора.
– Може – одговарам гледајќи ги брановите. – Па, и онака сум на летување, зар не? Упс, на зимување…
Лора се смее. И јас се смеам.
Баш ни е добро и смешкаво заедно!