Секој лик има посебен белег и оригинален начин на движење, сценски елементи и глума. Не станува збор за тоа дека треба да добиете преубав принц, тука да сфатите дека зад секоја „грдотија“ се крие некоја вредност, вели Микица Илова, авторка и режисерка на претставата

Во последниот театарски проект, бајката „Убавицата и ѕверот“,
кавадаречките средношколци порачуваат:

Една од едукативните пораки се однесува на тоа дека не треба некого да осудуваме само поради физичкиот изглед, туку да научиме да се сакаме себеси.
Зарем можете да ѝ одолеете на прекрасната Бел, убавиот принц претворен во ѕвер, маѓепсаниот дворец заедно со неговите станари што зборуваат: Свеќникот, Часовникот, госпоѓата Чајник, Филџанчето, госпоѓата Гардеробер… Оваа прекрасна француска бајка еднакво ја сакаат и децата и младинците, но и возрасните. Во тоа можевме да се увериме на премиерата што се одржа на 11 април на сцената на кавадаречкиот театар во изведба на драмската група за деца и младинци „Шекспир“, под раководство на Микица Илова, која активно работи во рамките на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.
Претставата е во режија и адаптација на Микица, додека прекрасните костими и овој пат ги подготви Сара Милевска, овозможувајќи им на младите актери од средните училишта во Кавадарци, најголем дел од гимназијата „Добри Даскалов“, да блеснат на сцената на кавадаречкиот театар и да ја воодушеват публиката, која им возврати со бурен аплауз.


– Бајката „Убавицата и ѕверот“ е базирана на вистинска приказна, која се прераскажувала сѐ додека не ја добила својата прва бајковита верзија наменета за децата. Денес имаме повеќе верзии на приказната, кои се филмувани во прекрасни анимирани и играни филмови. Текстот е комплетно мој бидејќи тешко може да се најде текст за театарска претстава, особено на ваква бајка, која е многу комплексна и е ретко изведувана во Македонија. Мојата појдовна точка е дека бајката може да нѐ научи на многу лекции, особено на оние за љубовта. Заедно со нашата костимографка Сара Милевска мислам дека најдовме многу креативно решение. Секој лик има посебен белег и оригинален начин на движење, сценски елементи и глума. Не станува збор за тоа дека треба да добиете преубав принц, тука да сфатите дека зад секоја „грдотија“ се крие некоја вредност. Една од едукативните пораки се однесува на тоа дека не треба некого да осудуваме само поради физичкиот изглед, туку да научиме да се сакаме себеси, дури и оние делови од нас што често се цел на јавно осудување. Претставата содржи и светлосни и визуелни ефекти, со цел да добиеме еден вид филмска претстава. Можам слободно да кажам дека направивме спој од цртаниот филм на „Дизни“ и од играниот филм „Убавицата и ѕверот“, што значи дека имавме и неколку кореографски точки каде што ги претставивме балот во домот на принцот и валцерот на Бел и Ѕверот. Исто така, како новина и вистинско освежување на сцената беше ликот на Розата како вистински лик – вели Микица Илова.
Улогата на прекрасната Бел ја толкуваше Теона Јорданова, принцот Александар Стојков, Свеќникот Саше Орешков, Часовникот Ристе Стојанов, госпоѓата Чајник Ивана Данова, Филџанчето Јована Секуловска, госпоѓата Гардеробер Елена Илова и Розата Евгенија Илова. Овој млад тим на актери беше потпомогнат од актерите на кавадаречкиот театар: Диме Коцевски, Диме Боцев, Видан Станоев и Александар Малинков како наратор. Не треба да се занемарат и учесниците во балот, и тоа Атанас Димков, Давид Василев, Цветанка Ганева, Татјана Стојанова и Ивана Секуловска и, се разбира, Арелена Гостимировик во улогата на лошата вештерка.
За да можат сите овие актери да ја остварат магијата на сцената голема помош им беа прекрасните костими, кои им помогнаа многу полесно да влезат во ликовите што ги играа на сцената, кои и овој пат се дело на костимографката Сара Милевска.
– Беше предизвик да се работи на овие костими, бидејќи во овој случај, пред сѐ се бараше одговорност да се прикажат во нивното препознатливо светло. Инспирацијата за костимите е спој меѓу цртаниот и играниот филм на „Дизни“. Основата ја задржав од цртаниот филм, но внесов елементи и од филмот како препознатлив за новите генерации. Секако, на крајот овие дизајни ги заокружив со мое видување и доживување на ликовите и на нивните карактери. Сите костими рачно се изработени. Да се изработат сите овие костими во аматерски театар е навистина предизвик, но кога љубовта спрема уметноста и театарот е поголема од сѐ, не постојат пречки за реализација на идеите – вели Сара Милевска.

Мирјана Мукаетова