Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво

Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (6)

Вчера кај нас дојде поштарот чичко Иле и наместо да заѕвони, застана на вратата и почна да пее:
„И да врне, и да вее
и бура да коси,
тоа за мене ништо не е,
поштар пошта носи.“

Баба ми, како светски првак во трискок, пред вратата застана прва:
Одлично – викна – ни стигнаа паричките да си купиме дрва за зима. Ни дојдоа навреме, како порачани…
А поштарот:
– Не ќе ви стигнат, бабо… дрвата се двојно покачени…
– Та, нели од овој месец во пензијата ќе има некој заостанат додаток?
– Жалам, но на чеков немам таков податок. Еве, види и сама, струја и вода, гледам малку ви е покачено…
Слуша баба, гледа и останува без глас.
Е, тогаш ѝ скокнав јас:
Така треба, браво! За водата и струјата, бабо – сосема се во право! Ти колку сакаш можеш да се лутиш и да се чудиш, луѓето сигурно не се толку „луди“. Ти можеш, но јас не можам да кријам. По трипати дневно ме тераш без причина да се мијам. А згора, пред секое легнување и по секое спиење – и заби и лице – задолжително миење. Во бањата сѐ ти блеска – од огледалото и плочките – до закачалката! А везден ти врти и машината за перење и ти брчи правосмукалката…
Поштарот и дедо ми кришум ме погледнуваат, притаено се смешкаат и си намигнуваат. Баба ме мерка, сака да каже нешто, ама јас добивам крилја и ја пресекувам вешто:
– Не знам дали постои таква друга жена, која толку многу троши на лична и на домашна хигиена!? Наместо да се лутиш, треба да сфатиш – колку си потрошила, толку ќе си платиш! Во никого не барај вина ни мана, кога сакаш да бидеш вистинска „чиста Дана“.

Вашиот Васко Пикаско


За авторот

Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.