Етика за млади

Етиката има многу вредности и добродетели – разумност, умереност, љубов, почитување на другите, работливост, помагање, соработка, пријателство, храброст, вистинољубивост, внимавање да не се повреди некој. Животот е исполнет до добродетели, кои треба да ги правиме, а не да ги избегнуваме. Треба да се бега само од злото, а добродетелите треба да се следат и извршуваат.
Но кога ќе се побара која е основната добродетел, ќе најдеме разни одговори. За постоењето и за унапредувањето на светот е најважен мирот, а со него ненасилството и соработката. За односите меѓу луѓето е најважна љубовта, која прави да ги сакаме другите и да ги почитуваме. За работењето е најбитна должноста. Таа нѐ учи дека секако треба да ги извршуваме обврските.
Сепак, една морална вредност е најпотребна кај сите луѓе и може да ја сретнеме во целиот свет. Тоа е чесноста. Таа ги содржи основните етички определби и кажува што се очекува во моралот од секој човек и што сите најмногу ценат во однесувањето на другите.
Чесноста е целина од повеќе добродетели. Чесниот човек се грижи да постапува добро и во секој миг внимава на своите морални обврски, ги извршува и не ги избегнува. Тој морално дејствува со радост, без присила и не очекувајќи награда за доброто што го прави, зашто знае дека моралноста е добро по себе.
Чесноста е најправилното човечко однесување – и кон самиот себе, и кон другите, и кон целото општество.


Етичка мисла

Треба да живееш така што ќе се почитуваш самиот себеси.

Максим Горки, руски писател