Виктор и Леона, синот и ќерката на авторката, по кои се именувани и главните ликови во книгата, биле и нејзини најголеми советници за нејзината содржина. Им ја читала секоја приказна, а тие ги споделувале своите впечатоци за тоа што им се допаѓа, а што не

Секој од нас често гледа кон ѕвезденото небо, барајќи ја својата среќна ѕвезда што го следи. И авторката Радмила Костова-Мила во својата прва книга за деца раскажува приказни токму на таа тема.
– Мислам дека секој од нас е роден под среќна ѕвездичка и е дел од еден голем синџир во кој имаме свое важно место. Мојата најголема цел со оваа книга ми беше децата да научат дека секое од нив е посебно и притоа да се почитуваат меѓусебно, иако се различни. Можеби некое дете е добро по математика, а помалку добро по македонски. Може друго ќе стане врвен спортист или ќе тргне по друг пат. Друго некое, пак, со својата насмевка може да ви го разубави денот. Но секое од нив е важен дел од овој свет и има своја мисија и талент – вели Радмила Костова-Мила, авторка на книгата „Биди среќна ѕвездичка“, чија онлајн промоција се одржа неодамна на фејсбук-страницата на „Литература.мк“.
Оваа книга за деца е во издание на „Либи“, импринт на „Арс ламина – публикации“ и е достапна во сите книжарници „Литература.мк“.
Уредничката Бисера Бeндевска, која ја претстави „Биди среќна ѕвездичка“ како илустрирана книшка составена од 11 кратки поучни приказни за деца, во која главните ликови Виктор и Леона, братче и сестричка, усвојуваат искуствена порака преку авантурите и предизвиците со кои се соочуваат. Целта на оваа книга е децата да се мотивираат да ги гледаат убавите страни на секоја навидум безизлезна ситуација и самите да стигнат до решението на „проблемот“, помогнати од возрасните во нивното опкружување.

– Најлесен начин да се допре до децата е преку приказна или игра. Кога ги учевме буквите со моите деца имавме своја кореографија и песна. Кога се соочуваа со некој проблем, го решававме со приказна. Така, еден ден Виктор, мојот син, предложи да направам книга во која ќе ги ставиме приказните. Јас веќе имам напишано книга за возрасни и претпоставувам дека оттаму ја доби и идејата, но така почна целата приказна – вели Костова.
Таа додава дека главните ликови во „Биди среќна ѕвездичка“ се именувани по нејзините деца, иако нивните карактери не се отсликани во секоја приказна.
Токму синот и ќерката на авторката биле и нејзини најголеми советници за содржината на книгата. Им ја читала секоја приказна, а тие ги споделувале своите впечатоци за тоа што им се допаѓа, а што не.

– Мора да напоменам и дека по секоја приказна има и поука, но и листа на прашања што родителот може да му ги постави на детето и така да дознае повеќе за него, за неговиот ден или, пак, за тоа како ги доживува работите околу себе – појаснува Радмила.

Илустрациите во „Биди среќна ѕвездичка“ се на Калиопи Трпчева, а книгата завршува со друштвена игра, чија главна цел е играчите да се забавуваат и да се запознаат.
– Првичната идеја за оваа игра ми беше дека не е најважно да сме победници. Во ред е децата да се стремат кон успех, но додека стигнат таму ќе се соочат со предизвици. Поентата е дека не е најважно кој ќе победи во играта, туку децата да се забавуваат, да дознаат нешто повеќе за другиот, односно да го запознаат другарчето од друг аспект. Сепак, во играта има и победник, затоа што некој мора да стигне на целта прв, но неговата задача е да биде добар цел ден – појаснува авторката Костова.
Радмила Костова-Мила е авторка на текстови за личен развој на социјалните мрежи и тренер за личен развој и мотивациски говорник. Ја има објавено книгата „Инспирирај се за промени“, а „Биди среќна ѕвездичка“ е нејзино прво дело за деца.


Прави добро, да ти се враќа добро

Прави добро, да ти се враќа добро

Еден убав и сончев ден, Виктор и Леона заедно со мајка им се искачиле на некоја планина. Во еден момент, Виктор се сопнал, паднал и викнал „ауууу“.
Се изненадил кога планината му вратила „ауууу“.
– Кој си ти? – прашал Виктор.
– Кој си ти? – вратила планината.
– Страшен си! – викнал Виктор.
– Страшен си! – одговорил некој.
– Страшливец! – викнала Леона.
– Стрaшливец! – вратила планината.
После многу неубави зборови, Виктор и Леона се разочарале и се свртеле кон својата мајка и ја прашале:
– Мамо, што е ова?
Мајката ги погледнала своите деца и наместо одговор, викнала:
– Најдобра си!
– Најдобра си! – вратила планината.
Децата зачудено ја погледнале својата мајка, а таа им рекла:
– Ова што го слушате се вика ехо, но всушност така е и во животот.
Животот ни враќа сè што ќе кажеме или ќе направиме. Животот е како огледало на нашите мисли и дела.


Прашања

Дали денеска му кажа нешто убаво некому?

Дали некому му рече „ти благодарам“?

Дали на твоите родители, на баба ти или на дедо ти им кажа „те сакам“?


Поука

Ако кажуваш убави зборови тогаш и тебе ќе ти кажуваат убави зборови. Кога ќе направи некој нешто убаво тогаш ти пофали го, за и ти кога ќе направиш нешто убаво – да те пофалат. Прави убави работи, но не очекувај другите да ти ги возвратат само зашто си ги направил/направила за нив. Прави ги затоа што ти сакаш. Можеби доброто ќе ти се врати од друго место или од друг човек. Немој да очекуваш за да не се разочараш. Прави добри дела затоа што ТИ сакаш да ги правиш.