По четиринаесетти пат во Кичево, на 13 и 14 август, се одржа Меѓународниот детски фолклорен фестивал, чиј домаќин беше КУД „Младост – Кичево“. Програмата во двете фестивалски вечери се одвиваше на летната сцена од Центарот за култура, каде што покрај петте културно-уметнички друштва од земјава, се претстави и една фолклорна група од Израел.

– Пред кичевската публика се претставија КУД „Јане Сандански“ од Ново Село, Струмичко, КУД „Брвеница“ од Брвеница КУД „Шпреса“ од Велешта и ние како домаќини. Втората вечер на летната сцена продефилираа фолклорниот ансамбл „Бучим“ од Радовиш, танцовата група од Израел и КУД „Младост“ Кичево. Сите фолклорни друштва и ансамбли за свое претставување имаа на располагање време од 10-15 минути, за да ги покажат своите уметнички вредности. Убавото време без врнежи придонесе на двете фестивалски вечери да имаме и добра посета – рече Зоран Јовески претседател на КУД „Младост“ -Кичево, домаќин на овој детски фолклорен фестивал.

Во изминатите 13 години на овој фестивал продефилираа над 50 културно-уметнички друштва и ансамбли од земјава и од странство.