И оваа година за Илинден

Овој 13-годишник застана рамо до рамо со многу постарите и поискусни колеги, со кои другаруваше шест дена. Најголема поддршка му беше татко му Тони Андрески (50), кој, пак, беше најстар член на кичевската коњица

Втора година по ред најмладиот член на кичевската коњица „Манастир Пресвета Богородица Пречиста“ е Трајче Андрески од селото Острилци. Тој со своите 13 години застана рамо до рамо со многу постарите и поискусни колеги, со кои другаруваше шест дена. За разлика од првата сезона, годинава, како што рече, се чувствувал многу пријатно и едвај го дочекал денот кога коњицата ќе тргне на Илинденскиот марш.
– Ако претходната година ми беше по малку необично што, ете, и јас сум дел од кичевската коњица, без притоа да имам вистинска претстава што ме очекува на долгиот пат, по една година ми беше многу полесно да се соочам со сите предизвици, иако и годинава каде што поминуваме или ноќеваме, луѓето со поголемо внимание, но и со восхит го набљудуваа моето учество во коњицата. Тремата речиси целосно исчезна, па иако годинава го немав истиот коњ од лани, тоа не беше голема пречка добро да соработуваме и да се слушаме со четириножниот миленик на долгиот пат. Според очекувањата, патот мина како што се надевавме и сите расположени и задоволни пристигнеме во Крушево, на прославата на големиот празник Илинден – ни рече секогаш насмеаниот Трајче.

Неговото учество во коњицата беше олеснето со присуството на неговиот татко Тони Андрески, кој, пак, со своите 50 години е најстариот член на кичевската коњица. Малиот Трајче и самиот ни призна дека присуството на неговиот татко било пресудно да учествува на Илинденскиот марш ланската година.

– Присуството на мојот татко Тони на Илинденскиот марш ми ја олесни работата околу одлуката да бидам дел од коњицата. Секогаш кога имам некаков проблем јас или мојот коњ, можам да му се пожалам, а тој најдобро ме разбира, бидејќи на овој марш сме и соработници и другари и најблиски роднини. Планирам и наредните години да бидам дел од оваа коњица и кога ќе пораснам да бидам и нејзин војвода. Љубовта кон коњите ме прави уште посреќен што можам толку долго, непрекинато, да се дружам со овие прекрасни животни -додава Трајче.


Литературно катче