Податоците во текот на годините покажуваат повисоки стапки на ризик од сиромаштија за помладите луѓе во споредба со населението како целина / Фото: ЕПА

Најновите бројки на „Евростат“ покажуваат дека 20 отсто од младите на возраст од 15 до 29 години биле изложени на ризик од сиромаштија во 2021 година, додека стапката на ризик од сиромаштија за вкупното население на ЕУ изнесувала 17 отсто

Младите Европејци во ризик да западнат
во канџите на сиромаштијата

Младите во Европа се изложени на поголем ризик да западнат во сиромаштија отколку целокупното население, според „Евростат“. Неговите најнови бројки покажуваат дека 20 отсто од младите на возраст од 15 до 29 години биле изложени на ризик од сиромаштија во 2021 година, додека стапката на ризик од сиромаштија за вкупното население на ЕУ изнесувала 17 отсто.
Метриката за ризик од сиромаштија ги споредува оние со ниски примања со другите жители на истата земја. Индикаторот „не мора да значи низок животен стандард и го мери уделот на луѓето што имаат расположлив приход под прагот на сиромаштија“, објаснува „Евростат“.
Податоците во текот на годините покажуваат повисоки стапки на ризик од сиромаштија за помладите луѓе во споредба со населението како целина. Сепак, разликата почна да се намалува, откако го достигна својот врв во 2016 година. Стапката на ризик од сиромаштија беше повисока за помладите луѓе во споредба со вкупното население во 19 земји на Европската Унија (ЕУ) во 2021 година.
Данска имаше најголем јаз, со 25,6 отсто од младите во ризик во споредба со 12,3 отсто од општата популација. Шведска заостанува зад Данска со речиси девет процентни поени разлика. Слично на тоа, девет европски земји имаа обратен тренд, со тоа што младите беа помалку изложени на ризик да станат посиромашни. Летонија, Малта, Естонија и Хрватска имаа најзабележителни разлики, додека Чешка имаше најнизок ризик од сиромаштија меѓу земјите на ЕУ.