Подморниците од класата „вирџинија“ можат да се користат дури и за поддршка на силите на специјалните операции, пишува Питер Сучиу за „Нешенел интерест“
Подморничката единица на американската морнарица неодамна ја презеде својата најнова напаѓачка подморница, односно идната „УСС Орегон“. Станува збор за дваесеттата подморница од класата „вирџинија“ на која заеднички работеа „Џенерал дајнамикс електрик боут“ (ГДЕБ) и „Хантингтон ингалс индустрис“. Покрај тоа, идната „УСС Орегон“ беше единаесеттата подморница од класата „вирџинија“ испорачана од ГДЕБ и втората конфигурирана подморница од „Блокот 4“.
Испораката на оваа подморница од класата „вирџинија“ беше кулминација на проектот што траеше десет милиони работни часа според строгите стандарди наметнати од Командата за поморски системи и поморските реактори, според соопштението на Американската поморска команда. Класата на подморници „вирџинија“ на американската морнарица беше дизајнирана да оперира во светските приморски и длабоки води додека располага со капацитети да спроведува војни дејства против подморници и површински бродови, може да даде поддршка на силите за специјални операции, да се вклучи во минско војување и во извидување. Нивната нечујност, издржливост, мобилност и огнена моќ директно им овозможуваат на подморниците од класата „вирџинија“ да поддржат пет од шесте основни капацитети на поморската стратегија: контрола на морето, проекција на моќност, истурено присуство, поморска безбедност и одвраќање. Резултатот што се добива е флексибилна платформа за извршување повеќе мисии. Подморницата од класата „вирџинија“ може да се користи дури и за поддршка на силите за специјални операции или да учествува во минско војување.
Како што се наведува во неодамнешниот извештај на Конгресната служба за истражување, американската морнарица набавувала напаѓачки подморници со нуклеарен погон од класата „вирџинија“ од 1998 година, а вкупно триесет и четири биле набавени до 2021 година. Дополнително, од 2011 година, годишно се набавуваат по две од подморниците од класата „вирџинија“. Сепак, поради пандемијата на ковид-19, десетте преостанати подморници од „Блокот 4“ беа одложени за испорака по четири месеци во просек, иако официјалните лица на програмата изјавија дека „Блок 5“ има флексибилност во распоредот на испорака за да ублажи некои одложувања од „Блокот 4“. „УСС Орегон“ беше одложен за околу шеснаесет месеци, со што се навршија речиси две години откако бродоградилиштето во Конектикат последен пат испорача подморница.