Недостигот од возачи на камиони, ограничените магацински резерви и преголемото потпирање на трговијата со некои земји го отежнуваше непреченото функционирање на глобалните синџири на снабдување уште пред појавата на пандемијата, пишуваат Роџер В. Фергусон Помладиот и Упамању Лахири за ЦФР

Проблемите во глобалната испорака им се закануваат на економиите

Тешкотиите што ги мачат глобалните синџири на снабдување го привлекоа вниманието на светските медиуми во последниве недели, што беше илустрирано со слики од празни полици во продавниците и товарни бродови што чекаат на море. Администрацијата на Џо Бајден презеде некои чекори за да се справи со непосредниот предизвик, отворајќи го пристаништето во Лос Анџелес да биде нонстоп во функција и барајќи помош од приватни компании за преместување стоки. Сепак, овие проблеми со синџирот на снабдување најверојатно ќе траат во следните шест месеци до една година, можеби дури и подолго. Некои од овие предизвици ја одразуваат неурамнотежената природа на побарувачката на потрошувачите што е забележлива карактеристика на повторното отворање по строгите рестриктивни мерки во пандемијата. Друг главен фактор е драматичниот пад на учеството на работната сила што се очекува да се промени со понатамошниот напредок во спречувањето на вирусот, бидејќи работниците помалку ќе се плашат од враќање на работа. Има некои знаци дека тесните грла во синџирот на снабдување малку се намалуваат. Сепак, дури и ако сегашната криза се реши во текот на следната година или нешто повеќе, постојат системски прашања на кои треба да им се обрне внимание, за глобалните синџири на снабдување да бидат поотпорни на идните шокови. Некои од овие проблеми се единствени за САД, додека други се присутни и во други земји од светот.

Проблеми со товарниот превоз

Недостигот од работна сила во секторите на транспортот и складирањето е еден од најзначајните причини за појава на проблемите во синџирите на снабдување во САД и во други земји, бидејќи стоките што се истовараат во пристаништата не може да стигнат навреме до нивните дестинации. Иако пандемијата доведе до недостиг од работна сила во многу сектори, сепак недоволниот број на возачи на камиони е стар проблем. Меѓутоа, во САД проблемот не е недостигот од лиценцирани возачи на камиони, туку тоа што многу од нив едноставно претпочитаат работа во фабрики, градилишта и магацини, кои нудат слични плати без долги работни часови и тешки работни услови. Како резултат на тоа, задржувањето на работниците е огромен проблем на пазарот на трудот. Компаниите во овој сектор навистина ги зголемија платите неодамна за да се справат со задоцнувањето на испораката од пристаништата, а за возврат се зголеми бројот на вработени камионџии. Но сè уште се проценува дека има недостиг од околу осумдесет илјади возачи.

Преиспитување на производствените стратегии

Таканареченото „навременото производство“ беше популаризирано од страна на јапонскиот производител на автомобили „Тојота“ во 1970-тите години. Тоа вклучуваше нарачување доволно компоненти во точното време за производство. Ова ги намали трошоците за вишокот резерви и складирањето и го зголеми профитот. Денес, тоа е доминантен начин на производство во светот. Сепак, нема простор за грешка, затоа што едно одложување го загрозува целиот процес на работа. Ова се покажа како ризична стратегија, бидејќи секогаш постојат фактори надвор од контролата на доставувачот. Она што се добива во однос на ефикасноста и брзината на синџирот на снабдување се губи во флексибилноста. Пандемијата е само најнов пример. Прекините во синџирите на снабдување поради природни катастрофи чинат милијарди долари загубено производство и приход. Нарушувањата предизвикани од пандемијата и природните катастрофи би биле предизвикувачки под секоја околност, но тие секако се влошија со преголемото потпирање на светот на стратегијата за навремено производство.

Време е за диверзификација

Пандемијата, исто така, го актуализираше прашањето за диверзификација на синџирите на снабдување во САД и намалување на зависноста од Кина, која со децении важи за „фабрика на светот“. Ова прашање веќе беше предмет на дискусија пред пандемијата и беше еден од мотивите за трговската војна на претседателот Доналд Трамп со Пекинг. Кога ковид-19 првпат се појави во Кина, фабриките во земјата се затворија, предизвикувајќи огромни прекини во синџирот на снабдување за компаниите зависни од кинеското производство. Иако вирусот на крајот се рашири во остатокот од светот, принудувајќи ги фабриките насекаде да ја прекинат работата, почетните месеци на пандемијата сè уште беа потсетник за ризиците од прекумерна зависност од една земја или регион. Поради овие причини, многу набљудувачи почнуваат да заклучуваат дека пренасочувањето на некои синџири на снабдување ќе ги ублажи идните ризици.
САД треба да бидат реални во однос на нивната способност да го пренесат производството во странство за да обезбедат флексибилност во синџирот на снабдување. Ова веројатно може да се направи само во производството на полуспроводници и батерии. Другите развиени земји што се соочуваат со истиот предизвик смислија национални политики за пренасочување на дел од нивното производство во земји што нудат пониски трошоци. Администрацијата на Бајден ја забележа потребата да се намали зависноста од другите земји за стратегиски значајни добра, како ретките елементи. Сепак, дури и со овие чекори, Кина останува можеби единствената земја со конкурентни трошоци за работна сила, доволно квалификувана работна сила и инфраструктура за задоволување на голем дел од глобалната побарувачка за произведени стоки. Така, најверојатно ќе остане важен дел од глобалните синџири на снабдување во блиска иднина.
Со оглед на искуството од пандемијата и признавањето на недостигот од видливост и ризиците, време е да се направи анализа на податоците за да се најде решение како да се управува со нарушувањата во синџирот на снабдување. Компаниите треба да размислат за усвојување формални политики за управување со ризикот на доставувачите. Целта е да се развие не само синџирот на снабдување со најниски трошоци туку и да биде оптимален и приспособен на ризиците. Тековната криза во синџирот на снабдување, иако веројатно е привремена, треба да поттикне акција за решавање на некои од овие основни прашања, кои долго време го мачат системот. Тоа ќе ги направи синџирите на снабдување поотпорни на следниот шок.