На кој начин авиокомпаниите може да ги убедат патниците дека патувањето е безбедно?

Бесконтактното пријавување и фацијалното препознавање станаа дел од пандемискиот начин на патување, тврди Мари Еклс за „Политико“.

Во пандемијата се воведува нова биометриска алатка за потврда на патниците

Користењето на авиопревозот по пандемијата на коронавирусот ќе вклучува помалку личен контакт со персоналот во авиокомпаниите, но не се согласуваат сите со тоа. Авиокомпаниите што беа погодени од корона-кризата се надеваат дека бесконтактната технологија ќе ги убеди патниците дека патувањето со авион е безбедно.
– Забележавме дека сè почесто се користи бесконтактната технологија, па, така, транзицијата која се очекуваше да трае осум години, сега се случи само за неколку месеци. Сметаме дека трајно ќе се промени начинот на патување – истакна минатата недела Алан Џојс, шефот на австралиската авиокомпанија „Квантас“.
На германските аеродроми технологијата за препознавање лица сега им овозможува на патниците да се движат низ објектот преку скенирање на нивните лица наместо на авионскиот билет. Авионската алијанса „Стар алајанс“ склучи партнерство со авиокомпанијата „Луфтханза“ за да воведе биометриски скенирања на аеродромите во Минхен и во Франкфурт, а ваквиот процес функционира дури и за лица што носат заштитни маски. На други места веќе од поодамна се користи технологијата за лично пријавување на аеродромите преку мобилните телефони, со тоа што авиокомпаниите „Емирати“ и „Стар алајанс“ укажаа на овие предности токму поради тоа што мора да се почитуваат препораките за заштита од коронавирусот.
Но поборниците за дигитални права се загрижени дека пандемијата отворила врата за културна промена што не е пропорционална и може да нанесе штета ако патниците почнат да споделуваат повеќе информации на овој начин и притоа за нив не се обезбедува соодветна заштита. Некои дури и ја обвинуваат индустријата дека е неискрена во своите пораки.

– Аеродромите веќе одамна посакуваа да се воведе ваквиот начин на функционирање. Ова не е нешто ново за што индустријата се залага – тврди Даниел Лојфер, аналитичар за европска политика во „Пристап сега“, невладината организација за дигитални права.
Тврдејќи дека за време на пандемијата нагло се зголемиле приходите на биометриската индустрија, Лојфер вели дека „токму бесконтактното патување бил еден од најчестите аспекти за кои силно се лобирало“. Дури на разни панели се разговарало за одличните деловни можности што ги дала пандемијата за понатамошно користење на биометријата. Но тој смета дека препораките за заштита на здравјето не го оправдуваат воведувањето на ваквите мерки и бара да се истражи колку всушност вирусот може да се шири преку допир и дека постојат други начини за да се намали ризикот, без да се воведе надзорна инфраструктура.

Фина рамнотежа

Покрај првичната загриженост за трансмисијата на вирусот преку површини на почетокот од пандемијата, здравствените експерти сега признаваат дека постојат „ограничени докази“ дека коронавирусот се шири преку нив, како што портпаролот на Светската здравствена организација (СЗО) изјави во списанието „Нејчр“ во јануари. Проблемот е што научниците не можат категорично да го отфрлат тоа, а за повеќето патници препораките за физичка дистанца, миењето раце и дезинфекција остануваат да важат како единствената ефикасна заштита покрај носењето маска.
Додека „Стар алајанс“ ја опишува бесконтактната технологија како „важна безбедносна карактеристика во време на ковид-19, таа исто така ја нагласува потребата да се зголеми „патната доверба“. Виктор Шлутер од германската организација за заштита на податоците „Дигитале фрајхајт“ смета дека новите мерки на аеродромите не предизвикуваат автоматска загриженост за приватноста, но предупреди дека треба внимателно да се воведува ваквата технологија. Не постои повреда на правата за приватност ако алатките што се користат за потврда на патникот преку скенирање на лицето кореспондираат со документот за лична идентификација. Шлутер побара од операторите да создадат услови за патниците да можат да изберат како ќе се процесираат податоците. Од друга страна, Лојфер предупреди дека пошироката употреба на биометриската технологија може да поттикне личните информации постепено да почнат да се користат поинаку од првично замисленото.

Во октомври, францускиот орган за заштита на податоците порача дека употребата на системи за фацијално препознавање за проверка на идентитетот на патниците на аеродромите „не влијае значајно“ врз правата и слободите на поединецот. Регулаторното тело исто така истакна дека добило мноштво пораки од индустријата што бара поддршка за воведување технологија што е во согласност со законите за приватност. „Стар алајанс“ во своето соопштение порача дека ги брише дневните податоци од скенирањето на лицата што го користеле системот и наедно не се зачувуваат личните податоци во него. Ричард Карет, директор за маркетинг и комуникации во компанијата, вели дека „законите за приватност на податоци биле вклучени во градењето на овој систем“ и дека при негово користење „патниците може да дадат согласност на пониско ниво“. Тој додаде дека базата на биометриски податоци на „Стар алајанс“ има заштитни кодови, снимките од патниците не се споделуваат со аеродромите и авиокомпаниите и дека податоците се користат само за потврда на идентитетот.

Две муви со еден удар

Додека новата технологија може да помогне во олеснување на патувањето за време на ковид-19, таа исто така може да им излезе во пресрет на аеродромите во справувањето со проблемот што датира уште пред пандемијата, а тоа се долгите редици за пријавување. Карет вели дека во првите недели од користењето на технологијата за фацијално препознавање во Германија, многу побрзо се процесирале патниците, што довело до побрз проток на клучните места. Ова е од огромно значење за аеродромите среде пандемијата, благодарение на мерките за одржување физичка дистанца.
Една студија на европската организација за безбедност во авиосообраќајот „Евроконтрола“ во септември откри дека за да се процесира истиот број на патници додека се одржува физичка дистанца, аеродромите треба за 50 отсто да го зголемат просторот на пријавниците, 100 отсто да се зголеми просторот на безбедносните контроли и дури до 50 отсто на чекалниците за влез во авионите.
Секако, другиот аспект на пандемијата е што патниот авиосообраќај не се очекува да се врати на претпандемиските нивоа дури до 2025 година, а дотогаш сите се надеваат дека мерките за физичко дистанцирање ќе се укинат. Но Лојфер предвидува дека дигитализацијата сепак ќе се практикува поради „масовниот технофетишизам“, како што тој го нарекува, што е актуелен во пандемијата.
– Владите, аеродромите и разните регулаторни тела брзо ги усвојуваат краткорочните модерни технолошки решенија и на тој начин изгледа како да преземаат некакви мерки – порача тој.