Кинескиот министер за образование порача дека Кина ќе работи напорно за да ја зајакне конкурентноста на своите меѓународни образовни стандарди и ќе ги забрза напорите да се претвори во светски центар на таленти и иновации

Согледувања од Кинеската конференција и саем за меѓународно образование

Кина ќе се држи до високо ниво на отворање на границите, ќе се залага за висококвалитетен развој на образовната соработка со земјите и регионите вклучени во иницијативата „Појас и пат“ и ќе продолжи со меѓународна образовна размена и соработка со сите земји, изјави неодамна кинескиот министер за образование Хуаи Џинпенг.
Хуаи при обраќањето преку видеоврска за време на 23-та годишна Кинеска конференција и саем за меѓународно образование порача дека неговата земја ќе ја зајакне меѓународната соработка во култивирањето таленти на високо ниво, како и во науката и технологијата, а ќе ги поттикне и кинеските универзитети да спроведуваат кооперативни научни и технолошки иновации заедно со глобалните колеги. Домаќин на овој настан именуван како „Ново обликување на образованието: Адаптација и трансформација“ беше Кинеската образовна асоцијација за меѓународна размена, со седиште во Пекинг.

Градење мостови меѓу државите

Хуаи рече дека Кина ќе работи напорно за да ја зајакне конкурентноста на своите меѓународни образовни стандарди и ќе ги забрза напорите да се претвори во светски центар на таленти и иновации, пренесува „Чајна дејли“. Тој додаде дека неговата земја активно ќе учествува и ќе иницира глобално образовно управување, ќе му ги презентира на светот своите образовни планови, мудрост и искуство, како и дека ќе даде нови придонеси во заедничкиот развој и споделувањето на вредностите на човечката цивилизација.
Понатаму, Хуаи истакна дека изградбата на заедница со една заедничка иднина за човештвото е од клучно значење за сите држави и дека тие треба да креираат повеќе програми за размена, а воедно и да реализираат посериозни меѓусебни посети на наставници и ученици, со цел зајакнување на постојните пријателства, заедничко работење на полето на глобалните предизвици и изградба на поотворен инклузивен свет.
Образовна соработка
меѓу Кина и Германија

Германската амбасадорка во Кина, Патриција Хилдегард Флор, изјави дека Германија, која е позната по своите одлични образовни институции, стана една од најпопуларните дестинации за Кинезите кои имаат желба да студираат во странство. Таа додаде дека, исто така, има илјадници Германци што доаѓаат во Кина да ги проучуваат нејзините јазик и култура, притоа учејќи и развивајќи се себеси.
• За Германија и Кина, овие лични средби се од исклучително голема важност. Тие беа, сè уште се и ќе останат во иднина основен темел за изградба на доверба и одржливи односи на општествено ниво помеѓу нашите луѓе и нашите граѓански општества. Оттука, многу ни е мило што Кина неодамна ги укина епидемиските ограничувања, бидејќи со ова отвораме ново поглавје кое ќе ни овозможи повторно да ги зајакнеме нашите меѓусебни релации и да ги охрабриме младите луѓе, особено оние од нашите две, но исто така и од сите преостанати земји, да бараат можности за меѓусебна размена – истакна Флор.
Изразувајќи оптимизам во однос на тековната година, таа се надева дека повторно ќе се нормализира состојбата, кога студентите, академиците и истражувачите ќе се движат насекаде слободно во глобални рамки.