ШАХ – „ОПЕН НОАЗИЕЛ“ ВО ФРАНЦИЈА

Македонскиот интернационален мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.452 рејтинг-поени) го подели одличното второ-петто место, со уште двајца Индијци и еден Норвежанец, на меѓународниот шаховски турнир во Франција „Опен Ноазиел“ близу Париз, со 6,5 поени од девет можни (шест победи, едно реми и два пораза), но според дополнителниот критериум е петти. Вториот македонски претставник ИМ Тони Лазов (рејтинг 2.348) е на шестата позиција со шест поени (по четири победи и ремија и два пораза), а ИМ Никола Николовски (2.347) го подели 7.-16. место со 5,5 поени, но според дополнителниот критериум е 12-ти.
На турнирот настапија 48 шахисти и четири шахистки (три ВМ, еден ЖВМ, шест ИМ, 12 ФМ, еден ЖФМ) од 12 држави (Македонија, Франција, Индија, Норвешка, Полска, Алжир, Романија, Тунис, Куба, Германија, Јужна Африка и Турција). Темпото на игра беше 90 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег по играч.
– Турнирот, кој беше силен, со многу млади и перспективни играчи, лошо го почнав, но на крајот добро го завршив. По првите четири кола имав две победи и два пораза, но во следните пет партии освоив 4,5 поени, а во претпоследното коло ремизирав со победникот на турнирот. Со Лазов имавме шанса за делба на првото место, но ја испуштивме во последни две кола. Не успеав да освојам трета норма за велемајстор, па шансата ќе ја барам на друг турнир – ни изјави репрезентативецот Панчевски. Г.И.