Вашингтон бара од Алијансата да се фокусира на поофанзивни мисии, а сојузниците би можеле да направат огромна, самоуништувачка грешка ако го следат неговото водство, смета Карпентер

Тед Гален Карпентер

време на Студената војна, американските и европските лидери постојано го прикажуваа НАТО како одбранбен сојуз. Тие ја нагласуваа мирољубивата природа на нивната соработка за разлика од воинственоста и агресијата на Кремљ. Бруталното угнетување на Москва на дури и најскромните политички отстапки во рамките на источноевропските држави-сателити помогна да се потврдат познатите разлики. Советските тенкови влегоа во Источна Германија во 1953 година, во Унгарија во 1956 година, а во Чехословачка во 1968 година за да ги задушат реформаторските движења. Прилично беше убедливо инсистирањето на Западот дека Советскиот Сојуз е опасен агресор додека НАТО е чисто дефанзивен сојуз.

За жал, по Студената војна, имиџот на НАТО како сојуз на демократски држави што се залагаат за одбранбени цели сè помалку се совпаѓа со реалноста. Роберт В. Мери, поранешен уредник во „Конгрешенел квотерли“, „Нешенел интерест“ и во „Американ конзерватив“, со право заклучи дека наместо крајот на Студената војна и распадот на Советскиот Сојуз да се сметаат во прилог на безбедноста на Западот, САД и лидерите на НАТО ја претворија Алијансата во „територијален агресор“. Тој тврди дека денешното НАТО претставува „опасност, а не гаранција за мирот“.

Во почетокот на ерата по Студената војна престанаа да се избегнуваат офанзивните акции и цели. Интервенционистите во Босна и на Косово категорично го трансформираа НАТО од дефанзивна алијанса со цел да спречува или да одбранува напади на неговите членки во организација со офанзивен карактер. Во Босна, Алијансата употреби сила само за да го спречи сепаратистичкото движење да успее, а притоа немаше никаква агресија врз членка на НАТО. Четири години подоцна, НАТО ја нападна суверената држава Србија која е признаена од меѓународната заедница, за да отсече една од нејзините провинции, поточно Косово. Повторно државата што беше цел на воениот бес на НАТО немаше направено никаков чин на агресија или барем постоеше закана за таков против која било членка на Алијансата.

Драматично се зголемија причините за воени интервенции на НАТО. Се бараше многу поголема логика за Алијансата да се повика само на безбедносните причини за интервенциите во деструктивните балкански конфликти што произлегоа од распадот на Југославија. Дури и најголемите приврзаници на НАТО не поддржуваа такви претерани причини. Наместо тоа, тие се насочија на наводната потреба за спречување на хуманитарна катастрофа. Дури и таквото оправдување немаше поддршка во ниедна сериозна анализа.

Малкумина традиционалисти од НАТО дефинитивно не беа задоволни со новите мисии на Алијансата или со проширувањето на географскиот фокус. Пишувајќи за време на Косовската војна, колумнистот на „Вашингтон пост“, Чарлс Краутхамер беше зајадлив заради зголемениот фокус на мисиите надвор од сферата на дејствување на „новото НАТО“. Реторички прашуваше „што не е во ред со старото НАТО“ и саркастично додаде дека „за младите и паметни филозофи од администрацијата (на Бил Клинтон)“, традиционалната одбранбена мисија на Алијансата очигледно била „премногу досадна“. Тој ги обвини дека страдале од завист со тоа што сакале да создадат незаборавен нов меѓународен поредок. Уште полошо е што тој сметаше дека тие сакаат да го преструктурираат НАТО во „силна и подготвена алијанса да реагира надвор од нејзините граници за да спроведе ред и добрина“.

Заклучоците на Краутхамер беа особено проникливи, но генерално беа игнорирани дури и неговата важност во заедницата на американската надворешна политика, загриженоста за новиот фокус на НАТО и опасностите што тоа ги претставува.
НАТО продолжи да се претвора во поофанзивна алијанса што фокусот на внимание го проширува надвор од своите граници на дејствување.

Всушност, колку и да беа трансформациски интервенциите во Босна и на Косово, тие барем се случија во Европа, иако надвор од формалните граници на Алијансата. Дури и за време на Студената војна, НАТО (а, особено САД) ги задржаа неформалните, но важни врски со Југославија. Вашингтон исто така јасно ѝ покажа на Москва дека секаква воена агресија против Југославија ќе се смета за сериозна закана по трансатлантската заедница, дури и ако државата не е членка на НАТО.

Но други воени мисии на НАТО сега се спроведуваат надвор од територијата на Европа. Ова стана очигледно по терористичките напади во САД од 11 септември 2001 година, кога членките на НАТО се повикаа на членот 5 од северноатлантскиот договор кој наведува дека напад на една членка ќе се смета за напад на сите членки. Потоа, Германија и другите членки на Алијансата испратија сили како помош на американската воена офанзива во Авганистан.

Новите мисии го одразуваат драматичното проширување на географската покриеност на НАТО. Веќе стана погрешно да се именува Алијансата како „трансатлантска“ организација која ја штити безбедноста во Европа и во Северна Америка. Всушност, како што потврди авганистанската операција, фокусот најмногу беше на проблемите надвор од овие два региони. Ваквиот факт беше поткрепен кога мнозинството од членките на НАТО му се приклучија на американски предводениот напад на Ирак за да се собори Садам Хусеин од власт. Во 2011 година стана повторно очигледно кога САД ги поддржаа европските сојузници, особено Британија и Франција за да извршат воени напади врз Либија. Наводната цел на нападите со воздушни и крстосувачки ракети беше да се спречи крвопролевањето што можеше да го предизвика режимот на Моамер Гадафи врз невините граѓани. Во реалноста, интервенцијата беше само уште една војна за промена на режимот.

Ширењето на такви опширни мисии не беше здраво ниту за европските членки на НАТО ниту за САД. Испраќањето војска во Авганистан ги заглави европските сили во една хаотична и непредвидлива војна во држава што не претставуваше голема закана за ниедна од европските држави. Во суштина, владите на НАТО се согласија за аморфен, вооружен подвиг за градење на нации за кои Вашингтон се залагаше.

Спротивно на тоа, поделената администрација на Барак Обама прифати војна за режимска промена во Либија, за која се залагаа Франција и другите европски сојузници. Во двата случаи, политиките што произлегоа беа лошо обмислени подвизи кои не беа во најдобар интерес ниту на САД ниту на нивните европски партнери.

Всушност, најголемата причина зошто исламистичките радикали напаѓаат цели во Европа е поради тоа што овие држави се приклучија на американски предводените војни во муслиманскиот свет, особено во Ирак и во Сирија. Виновниците за терористичкиот напад во декември 2015 година во концертната сала „Батаклан“ во Париз извикуваа: „Ова е за Сирија!“. Франција им се приклучи на сојузниците од НАТО во двојната американска офанзива за да го собори од власт сирискиот лидер Башар ал Асад и да ја уништи Исламска држава (ИСИС). Француски воени авиони повеќе од една година извршуваа воздушни напади врз областите под контрола на ИСИС. Париските напади беа крвава одмазда, како што беа и последователните инциденти во повеќе држави-членки на НАТО.

Ако зголемената инволвираност во американските војни на Блиски Исток и Централна Азија сега е клучно барање за распределба на товарот во Алијансата, Европејците треба да бидат паметни и да се повлечат. Таквиот чекор може или не може да ја натера администрацијата на Трамп да ја преиспита американската посветеност во НАТО, но додека Вашингтон ја притиска Алијансата да усвои поофанзивен фокус и воедно надвор од Европа, сојузниците би можеле да направат огромна, самоуништувачка грешка доколку го следат водството на Вашингтон.

Истовремено, не е од најдобар интерес за американскиот народ да се одговори позитивно на европските повици за хуманитарни мисии или за промени на режими на Балканот и во Северна Африка или за непотребна конфронтациска политика со Русија. Зголемената загриженост на двете страни од Атлантикот е доказ за нарушениот консензус за вистинската улога на НАТО и реалноста за разликите во интересите на европската и американската безбедност. „Старото“ НАТО од Студената војна веќе е нефункционално, а „новото“ НАТО на воени интервенционисти со нејасни оправдувања и со речиси неограничен географски опсег претставува агресор што сака во сѐ да се меша.

Карпентер е безбедносен експерт од институтот „Като“

Трамп бара од сојузниците да ги зголемат воените буџети