Фото: Пиксабеј

Постојат неколку едноставни трикови за свеж мирис во вашиот дом, и тоа без користење вештачки спреј за освежување. Значи, за почеток, отворете го прозорецот и пуштете малку свеж воздух и обидете се да го правите тоа неколкупати на ден. Секако, многу зависи од временските услови и годишните времиња, но и во зима е пожелно барем накратко да ги отворате прозорците и вратите. Потоа создадете природни мириси што автоматски ќе го освежат воздухот и ќе ја замирисаат целата соба.
Ароматичните состојки сварете ги во тенџере со вода во кое можете да додадете билки, зачини како цимет, каранфилче, ванила, морско оревче и лушпи од цитрус (лимон, грејпфрут, лимета, портокал). Оставете го тенџерето на најниска температура додека смесата не ги ослободи сите ароми. Лушпите од цитрус се фантастични во борбата против мирисот во кантата за ѓубре – изрендајте ги и ставете ги на дното на кантата и ќе ја забележите разликата.
Познати се и позитивните ефекти на содата бикарбона за целосно одржување на домаќинството, но таа може да биде одличен неутрализирач на мирис, а во овој случај и како освежувач поради познатите ефекти на апсорпција на непријатните мириси. За овој природен освежувач за домот ќе ви требаат тегла со капак, шолја со сода бикарбона и еден лимон со средна големина. Потребно е со нож да се пробие капакот од теглата. Овој освежувач можете да го поставите секаде каде што во домот имате непријатни мириси, а можете да направите повеќе тегли и да ги комбинирате со други ароми. Исто така, доколку сакате да ги освежите теписите во домот, само неколку часа пред да ги исчистите со правосмукалка, посипете малку сода бикарбона и таа ќе ги неутрализира сите наслаги.