Шефовите на Формула 1 (Ф1) си дадоа рок од само шест недели за да ги договорат новите правила за моторите за сезоната 2021. „Мерцедес“, „Ферари“, „Рено“ и „Хонда“ – четирите производители на мотори во Формула 1 го отфрлија планот на ФИА и посочија дека сакаат да го задржат сегашниот мотор, тврдејќи оти негово менување би значело правење комплетно нов мотор.
ФИА и Ф1, пак, тврдат дека сегашните правила го оневозможуваат привлекувањето нови производители на мотори, што е дел од нивната стратегија за поголеми промени во тој спорт од 2021 година.

Еден фактор што ја комплицира ситуацијата е тоа дека расправата за моторите е дел од поширока дискусија за распределбата на приходите, за контрола на трошоците, како и за промовирање нови, поинтересни трки.
Во меѓувреме беше договорено да се направат некои помали измени на правилата за следната 2019 година. Во болидите, наместо досегашните 105, ќе има по 110 килограми гориво, со што ќе може да се помине повеќе време на патеката. Тежината на автомобилот и тежината на возачот различно ќе се сметаат, што значи дека повеќе ќе нема казни за потешките возачи. Пилотите ќе носат биометриски ракавици за да се зголеми безбедноста и за да им се олесни работата на медицинските спасувачки служби.