Фото: „Нова Македонија“

Што е тоа синдром на согорување на работното место и зошто се заканува да биде новата институционална криза на Европската Унија?

  • Зад затворените врати на европската администрација се води и „битка“ за психичкото здравје на вработените. Синдромот на согорување на работното место (burnout) бил најчеста причина за боледување кај голем дел од вработените во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). Тоа, пак, отвори едно прашање што одамна тлее во бриселските институции. Имено, дали европската бирократија станува жртва на сопствената комплексност?
  • Во современата организациска психологија сè повеќе преовладува ставот дека синдромот на согорување на работното место (burnout) не треба да се гледа како слабост на поединецот, туку како показател дека работната средина, организацијата на работата и обемот на обврските бараат промени! Оваа перспектива особено е релевантна за големи и комплексни системи како институциите на ЕУ, каде што долготрајната изложеност на високи барања и континуирани кризни ситуации може да има последици не само за здравјето на вработените туку и за квалитетот на одлучувањето и функционирањето на самите институции

Европската Унија со години се претставува како простор на стабилност, рационално управување и внимателно носење одлуки. Но зад фасадата на институционалната дисциплина сè почесто се појавува една поинаква слика, имено, многу показатели препознаваат „европска администрација што работи на границите на својата издржливост“!
Во тој контекст, документите до кои дојде „Политико“ покажуваат дека т.н. синдром на согорување на работното место (burnout) бил најчеста причина за боледување кај дел од вработените во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). Тоа, пак, отвори прашање што одамна тлее во бриселските институции. Имено, дали европската бирократија станува жртва на сопствената комплексност?
Иако Европската комисија (ЕК) потенцира дека не постои единствена официјална статистика за боледувањата предизвикани од стрес, самите податоци укажуваат дека „психичкиот товар повеќе не може да се третира како индивидуален проблем, туку како институционален ризик“! Тоа е особено чувствително во дипломатијата, каде што одлуките не се носат во лабораториски услови, туку под притисок на војни, миграциски кризи, санкции, енергетски потреси и глобални политички конфликти.
Раководителите живеат во постојана состојба на
притисок, стрес и криза

Според соговорник во Германија, вработен во институција на ЕУ, состојбата е мошне сериозна.
– Најголемиот товар не паѓа само врз службениците што подготвуваат документи. Во самиот врв на европската администрација, директорите, шефовите на оддели, дипломатите и високите функционери функционираат во средина во која работниот ден практично нема крај. Нивната работа подразбира донесување чувствителни политички процени; постојана комуникација со 27 земји членки; усогласување на различни национални интереси; управување со кризни ситуации; одговорност за милијарди евра европски политики; јавна и политичка изложеност… Во такви околности, стресот престанува да биде исклучок и станува секојдневие. Особено по пандемијата, руско-украинската војна, конфликтите на Блискиот Исток, миграциските бранови, климатските политики и економските потреси, институциите на ЕУ работат речиси во континуирана кризна состојба! Дипломатијата денес не функционира во мирновременски ритам. Таа практично живее во режим на постојана мобилизација – тврди нашиот соговорник, чија работа е поврзана со европската администрација.

Перфекционизам, политички притисоци и чувство дека никогаш не е доволно

Она што дополнително ја оптоварува бриселската администрација е културата на постојана достапност.
– Комуникациите ја избришаа границата меѓу работното и приватното време. Електронската пошта никогаш не престанува. Видеосостаноците се одржуваат во различни временски зони. Политичките инструкции се менуваат прекуноќ. Одлуките често мора да се носат во рок од неколку часа. Во таков систем лесно се создава чувство дека никој никогаш не успева целосно да ја заврши својата работа – опишува нашиот соговорник состојба што влијае длабоко на психичкото здравје на вработениот.
Психолозите токму тоа го сметаат за еден од најсилните предуслови за развој на професионално „согорување“ од работните задачи.

Проблем што веројатно е поголем отколку што покажуваат бројките

Експертите одамна предупредуваат дека официјалните статистики речиси секогаш ја потценуваат распространетоста на синдромот на согорување на работното место. А причината е што многу од вработените не сакаат во медицинската документација да стои дека страдаат од психичка исцрпеност. Стравуваат дека тоа може да влијае врз нивната кариера, идните унапредувања или угледот во институцијата. Поради тоа, дел од боледувањата се евидентираат под други дијагнози – анксиозност, депресивни симптоми, несоница, хроничен замор, покачен крвен притисок или други здравствени состојби. Токму затоа експертите предупредуваат дека вистинската слика речиси секогаш е посериозна од административната статистика. Тоа претставува предупредување дека психичкото здравје повеќе не е прашање на индивидуална отпорност, туку дел од организациската култура.
Прашањето повеќе не е дали постои синдромот на согорување на работното место. Прашањето е дали институциите навреме ќе го препознаат како реална опасност однатре во ЕУ, каде што долготрајната изложеност на континуирани кризни ситуации може да има последици не само за здравјето на вработените туку и за квалитетот на одлучувањето и функционирањето на самите институции.


Што всушност е синдромот на професионално согорување?

Синдромот на професионално согорување денес претставува официјално признаен професионален феномен. Во меѓународната класификација на болести (ИЦД-11), оваа појава не се класифицира како болест, туку како синдром што произлегува од хроничен стрес на работното место со кој не е успешно управувано. Светската здравствена организација (СЗО) наведува три основни карактеристики:
• чувство на силна физичка и психичка исцрпеност;
• зголемена ментална дистанца, цинизам или негативен однос кон работата;
• намалена професионална ефикасност.
Важно е што СЗО нагласува дека професионалното согорување се однесува исклучиво на работното место и не треба да се користи за опишување стрес во другите животни сфери.
Според тоа, хроничниот психосоцијален стрес може да доведе до анксиозност, депресивни симптоми, нарушувања на спиењето, кардиоваскуларни заболувања, намалена концентрација, поголем број грешки при работа, зголемено отсуство од работа. Особено се ризични професиите што подразбираат висока лична одговорност, донесување важни одлуки, работа под временски притисок, политичка или јавна изложеност, постојани конфликти и кризни ситуации.
Токму затоа дипломатите, високите државни службеници, лекарите, судиите, офицерите, менаџерите и кризно-менаџерските тимови се вбројуваат меѓу професиите со најголем ризик од професионално согорување. Стручњаците предупредуваат дека синдромот не се појавува прекуноќ. Најчесто се развива постепено – од долготраен замор и намалена мотивација, преку емоционална исцрпеност, до сериозни психички и физички последици доколку не се препознае и не се третира навреме.
Во современата организациска психологија сè повеќе преовладува ставот дека професионалното согорување не треба да се гледа како слабост на поединецот, туку како показател дека работната средина, организацијата на работата и обемот на обврските бараат промени. Оваа перспектива особено е релевантна за големи и комплексни системи како институциите на Европската Унија, каде што долготрајната изложеност на високи барања и континуирани кризни ситуации може да има последици не само за здравјето на вработените туку и за квалитетот на одлучувањето и функционирањето на самите институции. Д.П.

Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија